Партиите не избираат ревизор за да нема кој да им ги контролира парите за кампањи!?

ДЗР/ Фото: Архива Слободен печат

Најголемите политички партии толку се преокупираа со меѓусебните пресметки и со предизборните кампањи, иако изборите се далеку, што сосема ги заборавија законот за јавно обвинителство, изборот на државен ревизор, изборот на нов програмски совет на МРТВ и многу други клучни обврски што ги презедоа и најавија дека ќе ги завршат до изборите.

Нема никакви активности на нивните работни групи, ниту за законот за попис или измените на Изборниот законик, за многуте заглавени комисии во Собранието, меѓу кои и комисијата за заштита од дискриминација итн.

Невладината организација Платформа за борба против корупцијата, која обединува повеќе граѓански здруженија, вчера побара итно да заврши процедурата за избор на државен ревизор и да се дооформи раководството во Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер, каде што подолг период има само претседател, а нема членови и во Дирекцијата за заштита на личните податоци, каде што директорот поднесе оставка годинава во мај.

„Веќе предолго време овие институции се оставени без раководни структури, што е на директна штета на граѓаните на Републиката и на институциите. Овие институции се исклучително важни во обезбедување на контролата на трошењето на јавните пари, усогласеноста на институциите со регулативата, и правото на пристап до информации. Ваквата состојба остава значајни ризици по борбата против корупцијата, која треба да е клучна заложба на пратениците во Собранието како претставници на граѓаните и заштитници на јавниот интерес. Во пресрет на изборите, намалената или дисфункционалноста на овие тела е дополнителен ризик“, се вели во писмото на Платформата, кое е доставено до Собранието и до Комисијата за прашања за избори и именувања, во која е заглавен изборот на државен ревизор.

Според Платформата за борба против корупцијата, Државниот завод за ревизија (ДЗР) има директна улога во контролата на финансирањето на партиите и кампањите, а правото на пристап до информации од јавен карактер мора да биде обезбедено за новинарите, невладините и граѓаните во претстојниот период за да се зголеми транспарентноста на изборите.

Пред неколку денови и вработените во ДЗР се обратија со писмо до Претседателот, Собранието, премиерот, Комисијата за избори и именувања, Министерството за финансии, до делегацијата на ЕУ, со кое ги информираат дека институцијата е во неповолна состојба и бараат помош. Тие информираат дека мандатот на главниот државен ревизор истекол пред две години, а на заменикот пред два месеца, а не е избран нов, иако бил спроведен јавен конкурс. Тие предупредуваат дека не само што вработените во ДЗР ќе останат без плати и надвор од здравственото осигурување, туку и нема да можат да ја исполнат целосно програмата за работа за 2019 година.

„Во тек е вршење ревизии, за кои нема да бидеме во можност да доставиме извештаи до субјектите и засегнатите страни, не ќе може да се донесе Годишната програма за работа на ДЗР за следната 2020 година, нема да бидеме во можност да ги подмириме режиските и другите основни трошоци итн. Извесно е дека ќе се организираат предвремени парламентарни избори, во чија реализација ДЗР има важна улога, а нема да биде во можност да ја исполни. Извештајот на Европската комисија ќе содржи негативна оценка во делот за нашето функционирање. Со континуираното одлагање на изборот на Главен државен ревизор, уште еднаш укажуваме дека институцијата се соочува да биде комплетно блокирана на неопределено време, што ќе доведе до немање контрола врз трошењето на јавните пари“, се вели во писмото од вработените во ДЗР.

Пред две недели и Мрежата за заштита од дискриминација апелираше што побрзо да се формира независната комисија за заштита од дискриминација, затоа што ќе истече рокот за постапување по веќе поднесените претставки. Заради блокираната работа на собраниската комисија за избори и именувања не се избрани ниту членовите на Советот на обвинители и Судскиот совет, програмскиот совет во МРТВ и Советот на Агенцијата за медиуми.

Од СДСМ за „Слободен печат“ велат дека во врска со Изборниот законик тие се согласни за една изборна единица, но не гледаат политичка волја кај опозицијата да се направи промена. Во врска со Законот за ЈО остануваат на ставот дека неговото донесување после превземањето на предметите на СЈО од страна на ЈО повеќе не е приоритет, а за пописот сметаат дека со најновиот развој на настаните и предвремените избори, пописот може да се одржи и во 2021 година. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека немаат разговори со власта околу претходно актуелните прашања, но се отворени за соработка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот