Партиите на Албанците во потрага по своите адути

ДУИ / Фото: Архива

Политичките партии на Албанците почнаа со активности за избор на кандидати за редовните октомвриски локални избори. Некои од нив спроведуваат анкети за да ја испитаат популарноста на можните кандидати, а други ги усогласуваат имињата со потенцијалните коалициски партнери.

Партиски извори за „Слободен печат“ брифираат дека ДУИ за градоначалник на Тетово размислува за две можни кандидатури, на сегашната градоначалничка Теута Арифи и на директорот на Тетовската болница, Флорин Бесими. ДПА најверојатно ќе се натпреварува со поранешниот градоначалник на оваа општина, Сади Беџети. Од опозициската коалиција Алијанса за Албанците-Алтернатива велат дека тие сè уште не се одлучиле за кандидатури, иако како можни кандидати од оваа коалиција се спомнуваат Флакрон Беџети, Вјолца Бериша и Вулнет Ферати.

Жешка битка меѓу ДУИ и коалицијата АА-Алтернатива се очекува и во Општина Гостивар. Како што дознава „Слободен печат“ од добро информирани извори, кандидат на ДУИ за Гостивар е поранешниот градоначалник на оваа општина Невзат Бејта. Противкандидат на Бејта најверојатно ќе биде сегашниот градоначалник Арбен Таравари, но ако тој се повлече, за што се шпекулира, тогаш можен кандидат на коалицијата АА-А може да биде Валбона Лимани.

За Струга веќе е јасно дека сегашниот градоначалник Рамиз Мерко нема да се кандидира за уште еден мандат, додека претендентите за градоначалник на Струга веќе ги започнаа лобирањата кај Ахмети. Се смета дека најсериозни кандидати се Јетон Шаќири, сегашен министер за информатичко општество и администрација. Од опозицијата како можни кандидати се сметаат Аргетим Салиу, струшки бизнисмен што живее во Швајцарија, поранешниот пратеник Гариб Каба, како и Имер Имери, претседател на огранокот на АА во Струга.

ДУИ во Кичево се очекува да настапи со сегашниот градоначалник Фатмир Дехари или со министерот за економија Крешник Бектеши. Математиката на ДУИ во Кичево може да ја помати независната кандидатура на Фатмир Лимани, внук на Али Ахмети, кој не се согласува со кадровската политика на ДУИ и јавно ја поддржува групата на потпретседателот на партијата Изет Меџити. Од редовите на албанската опозиција, посериозен кандидат за градоначалник на Кичево се смета Ремзи Мехмеди, потпретседател на Алијансата.

Изборот на кандидат на ДУИ за Чаир се очекува да биде проблематичен. Актуелниот градоначалник Висар Ганиу има поддршка од Меџити и претендира за уште еден мандат, но Адријан Муча, директор на „Паркови и зеленило“, исто така има амбиции да стане градоначалник на Чаир. Од опозициската коалиција речиси е извесна кандидатурата на Беким Сали, претседател на огранокот на Алтернатива во Чаир.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот