Партиите ја конкретизираат меѓусебната поддршка на изборите

Избори во Македонија за време на пандемијата со ковид-19
Избори во Македонија за време на пандемијата со ковид-19 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На една недела од гласањето за вториот круг на Локалните избори 2021, партиите ги повикаа граѓаните масовно да излезат и да ги поддржат нивните кандидати за градоначалници. Во вториот круг од Локалните избори, што ќе се одржи на 31 октомври 2021 година, ќе се гласа во вкупно 44 општини.

Државната изборна комисија вчера ги објави конечните резултати од првиот круг, информирајќи дека градоначалници беа избрани во вкупно 32 општини, а гласањето ќе се повтори во Маврово-Ростуше и Центар Жупа, бидејќи не е исполнет законскиот цензус на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вчера во Охрид, порача дека принципиелно СДСМ во вториот круг ќе ги поддржи кандидатите на коалициските партнери.

– Секаде каде СДСМ нема кандидат за градоначалник во вториот круг од Локалните избори 2021, а од спротива е опозицијата, поддршката на нашето членство ќе биде за коалицискиот партнер, изјави Заев.

Во општините каде се присутни само коалициските партнери, како Долнени, Арачиново, Чашка, Заев појасни, дека во такви околности ќе се обидат да победат како СДСМ со позитивна кампања и промоција на нивните проекти.

-Таму каде се коалициските партнери ДУИ и БЕСА, оставаме граѓаните, секако тие сами одлучуваат, секако и нашите членови имаат инструкции да гласаат по слободно убедување за она што е најдобро за нивниот град, рече Заев.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, по седницата на највисоките партиски органи вчера во Охрид, информира дека партијата донела проглас во кој се повикува на заедништво, слога и обединување на сите граѓани и прогресивни сили во државата за подобра иднина и промени, во борба против власта.

– За таа цел ВМРО-ДПМНЕ ја реафирмира поддршката за кандидатите за градоначалници од Алијансата на Албанците и Алтернатива. Во местата каде немаме свои кандидати во вториот круг, природно ќе ги поддржиме кандидатите кои се опозиција на власта и се борат против оваа власт која е корумпирана и криминална, рече Николовски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ уште додаде дека во прогласот на партијата се повикуваат граѓаните слободноумно и отворено да излезат и секаде да ги поддржат кандидатите кои искрено се борат против власта.

Во меѓувреме партиските коалиции продолжија со митинзи и средби со граѓани. Владејачката СДСМ и Коалицијата „Најдоброто за мојата општина” одржаа обединувачки собир во Скопје, каде Заев побара поддршка за нов мандат во главниот град за Петре Шилегов, како  и за градоначалници во Карпош, Центар и Шуто Оризари. Истовремено повика на обединување во вториот изборен круг околу вредностите предупредувајќи дека во спротивно штетата  може и ќе биде заедничка. -Ги слушнав сите кои гласаа, почнавме и акција и корекција. Ниту една клучна политика повеќе нема да се носи без да се ве прашаме вас, порача Заев, истакнувајќи дека Скопје го заслужува најдоброто и ништо помалку.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара поддршка за кандидатот за градоначалник во Охрид Кирил Пецаков на собир во Охрид, од каде лидерот Христијан Мицкоски  исто така повторно повика на обединување и масовна излезност, посочувајќи дека решението е зад параванот.  Оцени дека за премиерот и лидер на СДСМ  „ова е последната сламка за спас” и посочи дека тоа не е незаслужено затоа што, како што рече, народот е против него и оти е последица на многу разочарувања и неисполнети ветувања – Ништо не е невозможно победата е на дофат. Излезноста е клучот, порача Мицкоски.

Лидерот на политичката партија Демократска унија за интеграција Али Ахмети, пак, на предизборен собир во гостиварско Чегране побара членството и граѓаните да се мобилизираат за вториот круг и да го поддржат кандидатот на ДУИ, Невзат Бејта.

– Ако не бевме блиску до победа, немаше да дојдам вечерва пред вас. Не сакам да загубиме во Гостивар од ВМРО или во Кичево. Ги молам чегранци да се мобилизираат и да не дозволиме ВМРО да победи, рече Ахмети.

Кандидатот за градоначалник на Општина Струга од Алијанса за албанците и Алтернатива, Идри Истрефи, пак, преку видео обраќање ги повика сите стружани да го поддржат во вториот круг од локалните избори на 31 октомври, со заокружување на бројот 6 на гласачкото ливче.

– Дојде време да го повикам секој граѓанин на Струга за глас и посветеност, со или без партиска припадност од Алијанса на албанците и Алтернатива, од Беса и ДПА, од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од Либералите и Левица, припадници од сите етнички и верски заедници, од сите идеолошки определби и од било која група, рече Истрефи.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот