Партиите билдаат атмосфера, а гласачите се спремаат за бојкот

Парламентарните изборите најавени за април догодина веројано ќе бидат со најмал одзив во однос на другите изборни циклуси досега ако се земе превид расположението на гласачите кои се генерално разочарани од целокупната политичката понуда. Експертите за политички прогнози пак велат дека се уште е рано да се каже дали гласачите ќе ги бојкотираат  изборите или не, бидејќи треба да се види понудата на политичките партии, како програмата така и персоналните решенија.

Билјана Бејкова од НВО Инфо центарот вели дека граѓаните се разочарани бидејќи очекуваа повеќе во делот на реформите.

-Имајќи предвид дека голем дел од граѓаните очекуваа повеќе особено во делот на правдата и реформите, сосема е можно излезноста на следните избори да биде сериозно намалена. Постои сериозна доза на разочараност и апатија особено кај младите луѓе, кои многу тешко или воопшто нема да се решат да излезат и да гласаат. Доколку нештата драстично не се променат до април следната година, очекувам на избирачките места да излезе партиската гласачка машинерија – вели Бејкова.

Владимир Божиновски пак објаснува дека засега сигурно е дека одзивот на престојните избори ќе биде помал од оној во 2016 година кога на гласање излегоа 66,79 од гласачите. На изборите во 2014 година излезноста била 63,48 отсто, додека пак за претседателските избори годинава само 46,65 осто. Најниска излезност досега имаше на референдумот за името кој се одржа лани кога излегоа да гласаат само 36,9 отсто гласачите.

-Иако сега засега постои апатично разположение сепак тоа може да се промени, откако ќе ги видиме политичките програми на партиите и кандадските листи за пратеници. Перцепцијата сега и за неколку месеци нема да биде иста. Сметам дека опозицијата е во поповолна положба бидејќи таа досега успевала да реализира 50 до 60 отсто од понудата во изборната програма. Власта е во полоша ситуација бидејќи се она што го ветуваше не го исполни, а го направи тоа што ветуваше дека нема. Сега немаат кредибилитет за нови ветувања – вели Божиновски.

Малиот одзив на гласачите ќе покаже дека граѓаните не се задоволни од политичката елита во земјава и дека политичките партии треба сериозно да размислат што треба да променат во начинот на функционирање.

Двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе се во кампања, власта оди „По прав пат“, а опозицијата тргнаа во „Обнова за Македонија“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот