Парното помеѓу приватните сметки и државните пресметки

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Парното ја вжешти некоординираноста на институциите и ги отвори старите рани – приватизирањето на „природниот“ монопол во далечната 1999 година и сѐ што се случуваше потоа со измешаните сопственички односи и со лиценците за кои се водат истраги.

Ако една приватна компанија нема економска математика за да испорача некој производ, сигурно дека нема да оди против себе и – да прави загуба. Но, ако има лиценца за вршење некоја јавна дејност, како што е снабдување со централно греење – не може сред грејна сезона да каже „или нека ни даде пари Владата, или ќе грееме само уште утре“.

Но, така се случува кога толку клучна јавна дејност, не само што не е ни јавно-приватно партнерство, туку е целосно во приватни раце!

На Владата, сепак, ѝ останува обврската да не дозволи 60.000 граѓани да останат на минусни температури со ладни радијатори. Барем, според она што е соопштено, таа ќе си ја изврши својата задача. Но, целата состојба со парното греење уште еднаш потврди дека во Владата недостасува добар кадар што ќе реши некоја кризна состојба.  Велам „уште еднаш“, затоа што ескалацијата на некоординираноста и на непоткованоста беше на почетокот на пандемијата, кога речиси секој ден се носеа измени на уредбите во кои постојано се дообјаснуваше нешто што било испуштено, па и правно неиздржано со претходната уредба.

Згора, овој пат имаше и политички момент – „битката“ за топли радијатори требаше да се води од една страна од Владата, предводена од СДСМ, а од друга страна од Градот Скопје со независната градоначалничка поддржана од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Од хронологијата на „случувањата“ со парното греење, на човек може да му се крене косата. Хаос! Цената на гасот се зголемува како никогаш порано. Регулаторната комисија за енергетика доби калкулации од „Балкан енерџи груп“, кои би значеле 200 проценти покачување на цените. И на регулаторите и на сите во државата им е јасно дека најголем дел од граѓаните таква цена нема да може да платат. Покрај социјалниот момент, тука и енергетскиот – доколку сите се префрлат да се греат на струја, ќе се случи хаос во снабдувањето, како што веќе се случи кога, поради цените, голем дел од граѓаните се откажаа од централното греење. Регулаторот тогаш одлучи – цената на парното греење ќе се зголеми 14 проценти, а за другото ги повика да помогнат Владата, Градот Скопје и општините. Значи не соопшти дека е постигнат договор, туку упати повик! И притоа потенцираше: гас има за две недели.

Во меѓувреме од Градот Скопје постојано се слушаше само една реченица – ние не можеме да решаваме енергетска криза, ние немаме лиценца… Во превод: не „сметајте“ на нас! Прво Владата одмолчи, потоа вицепремиерот Фатмир Битиќи рече дека би било спротивно на владеењето на правото финансиски да се помогне една фирма, за попладне да излезат претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски и министерот за економија Крешник Бектеши со изјава: „Ние предлагаме, ако се сложи БЕГ, 80 отсто од разликата помеѓу цената што ќе ја плаќаат граѓаните и реалната цена, да ја покрие Владата, а 20 отсто Градот Скопје и општините“. И пак, ова беше предлог, а не договор!

За да биде уште понесериозно, на прес-конференцијата преку која Владата всушност им се обрати на Градот и на БЕГ, се кажаа износи што немаа врска со претходно објавената „дупка“ во разликата од цената од страна на Регулаторната комисија. Регулаторите рекоа дека разликата за јануари е 9 милиони евра, а Бесими дека за цела година е 6 милиони евра.

Овој предлог, очигледно, остана да виси во воздух, па по некој ден Владата понуди ново решение – Регулаторната комисија за енергетика да ја пресмета вистинската цена на парното греење, а разликата до цената што ќе ја плаќаат граѓаните, да ја покрие Владата од државната каса. На овој начин, всушност, се изнајде едно соломонско решение – наместо да се финансира приватна фирма, да се субвенционираат сметките на граѓаните. Но, очигледно дека и за ова решение не бил постигнал договор со БЕГ, зашто од компанијата истиот ден, доцна навечер, како ладен туш стигна соопштение според кое тие немаат пари да го финансираат гасот и дека ако Владата не помогне, уште „утре“ ќе го исклучат централното греење. Па предложија Владата од 14 јануари да го преземе управувањето со компанијата. Сѐ уште не е официјализирано, но од АД ЕСМ, кое треба да го преземе управувањето, на 15 јануари соопштија дека до крајот на неделава ќе заврши постапката за привременото управување.

Засега има парно. Радијаторите, како што вели Беслимоски, не може да се очекува да бидат врели како што беа со поевтиниот гас. Но, едно е јасно – тие ја вжештија некоординираноста на институциите и ги отворија старите рани. Приватизирањето на „природниот“ монопол во далечната 1999 година и се што се случуваше потоа со измешаните сопственички односи и со лиценците за кои се водат истраги.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот