Parles vous francais за Скопје, Данела

Данела Арсовска/ Фото: МИА

Освен со именување партиски членови во управни одбори, со вработување партиски војници, со игнорирање и со опструкција на почнатите проекти од претходното раководство, а кои се од круцијално значење за подобрување на квалитетот на животот на скопјани, со што друго всушност се занимава и што работи градоначалничката?

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска изгледа како да не е оттука. Освен што се прогласува за ненадлежна за проблемите на Скопје и на скопјани, таа се однесува како „француска собарка“, што би рекол другарот Наум, и постојано се жали и бара проблемите да ѝ ги решава Владата.

Ја откажа новогодишната забава за најмладите скопјани на плоштад, но затоа потроши од градската каса 10.000 евра за пакетчиња, нема пари за гориво за ЈСП, а вработува стотина партиски војници што ќе го чини градот 670.000 евра годишно, за трипати ги намали средствата за животна средина, а го субвенционира Градски паркинг со 80.000 евра.

Донаторите на бесплатно украсување и на „Комитската вечер“ за дочекот на Новата година на градскиот плоштад ги крие како змија нозете, а за најавите за бесплатен превоз и за 300 еколошки (прво беа најавени електрични, ама „не е знајала“ дека се прескапи) автобуси, „еве сега ќе е, само што не е“.

И, ги остави скопјани да смрзнуваат. Иако градоначалничката и градските власти се прогласија за ненадлежни и без ингеренции за решавање на проблемите со парното греење во Скопје, сепак, ако ги прочитаат надлежностите на Град Скопје, ќе видат дека во член 10 стои дека во надлежностите на градот спаѓа снабдувањето со природен гас и со топлинска енергија. И овој проблем градоначалничката ноншалантно си го изигнорира и остави затоплувањето на граѓаните да го решава Владата.

Навистина, освен со именување партиски членови во управни одбори, со вработување партиски војници, со игнорирање и со опструкција на почнатите проекти од претходното раководство, а кои се од круцијално значење за подобрување на квалитетот на животот на скопјани, со што друго всушност се занимава и што работи градоначалничката? Ах, да, ги заборавив двата капитални проекта – нивелирањето неколку шахти по скопските улици и поставување мобилни тоалети на кеј.

А само пред неколку месеци, во предизборието, какви само ветувања и каква розова иднина за градот нудеше тогашната „независна“ кандидатка Данела. Е па, гласавте, сега гледајте (плачењето е гратис).

Преземено од Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот