Парламентот може да се деблокира само со онлајн работа

Фото: mia.mk

Работните групи во Собранието што ќе учествуваат во процесот „Жан Моне“  ја одржаа првата конститутивна седница на која се дебатираше за деблокада на работата на Собранието. Учесниците се договориле сите одлуки да се носат со консензус и да се дебатира за сите отворени прашања.

Тие се согласија во рок од 15 дена да го разгледаат собранискиот Деловник од првото до четвртото поглавје и сите забелешки да ги стават во пишана форма.

– Целта е да се најдат заеднички решенија за да се тргнат сите аномалии во практичната работа на Собранието, но и да се подобри текстот на Деловникот. На маса ќе биде ставена процедурата за пратенички прашања, за европското знаменце, скратените постапки, верификацијата на мандатите, колку денови да трае конститутивната седница, но и за онлајн собрание – изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски за „Слободен печат“ вели дека преку процесот „Жан Моне“ ќе се обидат да изнајдат решение за деблокада на Собранието, преку овозможување на електронско функционирање на законодавниот дом.

– Првите седници не се одржаа бидејќи наши колеги беа позитивни на коронавирусот или чекаа резултати од тестирањето. Во тие моменти и се покажа дволичноста на опозицијата кога ги блокираа предлог-измените на Деловникот, со кои пратениците болни од ковид или оние што се во изолација ќе можеа да работат од дома. Тие не само што ги блокираат седниците, туку кога гледаат дека имаме пратеници заразени од коронавирусот или се во изолација, не учествуваат воопшто на седниците, сѐ со цел да не се одржат. Со блокирањето на работата на работните тела или на комисиите, се отвораат и нови моменти што ќе ги ставиме на маса за да се договориме и за тоа – вели Митревски.

Учесниците на вчерашната конститутивна седница на процесот „Жан Моне“ се договориле за 15 дена да ја одржат втората средба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот