Парламентарните избори низ историјата: Бојкоти, нерегуларности, убиства, напади (ИНФОГРАФИК)

И на овие избори, како и на сите претходни, главната битка ќе се води меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

На 12 април ќе се одржат десеттите парламентарни избори во Македонија. Спикерот Талат Џафери, синоќа го потпиша решението за распишување на изборите. Собранието претходно, едногласно, со 108 гласа „за“ ја донесе одлуката за самораспуштање, а Џафери ги повика пратениците да се поздрават и да си простат.

И на овие избори, како и на сите претходни, главната битка ќе се води меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ со својата кампања „На прав пат“ главно ќе се фокусира на европските вредности и членството на земјава во НАТО. Како што потенцираа социјалдемократите, на овие избори главниот фокус ќе биде врз реалните проблеми на граѓаните со чијашто помош ќе биде изработена и изборната програма.

Од друга страна, пак, ВМРО-ДПМНЕ најави „Обнова за Македонија“. Опозициската партија во својата кампања се очекува да „пука“ со национализам и патриотизам, а како оружје за тоа ќе го користат променетото име на државата. И од ВМРО-ДПМНЕ најавија теренска кампања и изборна програма согласно предлозите на граѓаните.

Што ќе донесат изборите на 12 април, останува да видиме.

КАКО ТЕЧЕА ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ НИЗ ГОДИНИТЕ?

Избори 1990

Ова се првите парламентарни избори што се одржаа во Република Македонија (тогаш се уште Социјалистичка Република Македонија), по воведувањето на политичкиот плурализам. Во првиот круг најмногу гласови освои дотогаш единствената и владејачка партија СКМ-ПДП, додека во вториот круг најмногу гласови освои ВМРО-ДПМНЕ, која севкупно освои и најмногу мандати.

Изборите се одржаа според мнозинскиот изборен систем при што територијата на републиката беше поделена во 120 изборни единици. На изборите учествуваа 18 политички партии и 43 независни кандидати. Гласачкиот одзив во првиот круг беше 84,8 %, а во вториот 76,8 %.

Поради распоредот на силите во Собранието настанаа сериозни тешкотии во однос на формирањето на влада. На крајот се пристапи кон формирање на техничка влада. Мандатот му беше доделен на Никола Кљусев, кој состави влада, која на 20 март ја доби довербата од пратениците на македонското Собрание.

Избори 1994

Парламентарните избори 1994 година се првите парламентарни избори кои се одржаа по стекнувањето независност на Република Македонија. На овие избори победа извојува коалицијата Сојуз за Македонија предводена од СДСМ. Опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија го бојкотираа вториот круг на изборите, тврдејќи дека имало сериозни нарушувања во изборниот процес.

Исто како и на парламентарните избори во 1990 година мандатите се распределуваа според мнозинскиот изборен систем. Гласачкиот одзив во првиот круг беше 77,7 %, а во вториот – 57,5 %. На изборите учествуваа 38 политички партии и 283 независни кандидати.

Според резултатите од првиот круг коалицијата Сојуз за Македонија во која учествуваа Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Либералната партија и Социјалистичката партија на Македонија имаше значителна предност пред водечките опозициски партии ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија. Мандатот за состав на влада му беше доделен на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Избори 1998

Парламентарните избори 1998 година се одржаа на 18 октомври и 1 ноември. Победник на изборите беше ВМРО-ДПМНЕ на чело со Љубчо Георгиевски, која по изборите формира коалициска влада заедно со Демократска алтернатива и Демократската партија на Албанците.

Дотогашниот изборен систем беше променет од мнозински со два круга во мешовит паралелен изборен систем. 85 мандати се распределуваа во едно-мандатни изборни единици, а останатите 35 мандати – преку пропорционалниот Донтов систем, при што целата држава беше една изборна единица. За пропорционалните листи беше воведен изборен праг од 5 %.

Одзивот на гласањето за партиските листи беше 72,9%, а за мнозинската листа во првиот круг одзивот беше 72,9%, а во вториот круг – 69,4%

Избори 2002

Парламентарните избори 2002 година се одржаа на 15 септември 2002 година. Тоа беа први парламентарни избори кои се одржале според новиот пропорционален изборен систем, во шест изборни единици. Победа извојува опозициската коалиција „За Македонија заедно“, по што по четири-годишна пауза на власт се врати СДСМ. На овие избори во владината коалиција се вклучи и Демократската унија за интеграција формирана од страна на раководството на ОНА, која претходната година го предизвика конфликтот од 2001 година.

На изборите беа истакнати и неколку кандидатски списоци на група граѓани чиишто носители беа: Игор Џамбазов, Горан Николовски, Христо Георгиевски, Дејан Панделески и Младен Михајловски.

Избори 2006

Парламентарните избори 2006 година се одржаа на 5 јули 2006 година. Изборите се одржаа според пропорционалниот изборен модел, во шест изборни единици. На изборите победи опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ на чело со младиот реформатор како што тогаш го нарекуваа, Никола Груевски, кој подоцна и формира влада.

Никола Груевски беше избран за премиер на 28 август. Во составот на владата влегоа претставници на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и НСДП. Владата ја поддржаа и ДОМ и ПЕИ, кои сепак не добија министерски места. ВМРО-НП гласаше за владата, но не учествуваше во владината коалиција.

Гласачкиот одзив беше 56,0 % што е убедливо најнизок процент на гласачи на сите дотогашни парламентарни избори.

Избори 2008

Парламентарните избори кои се одржаа на 1 јуни 2008 година, се всушност и првите предвремени парламентарни избори во Македонија. Овие избори уште се и најпознати како најкрвавите избори.

Имено, на изборниот ден имаше неколку тешки инциденти, а во Арачиново во престрелка со полицијата загина едно лице. Во Чаир во близина на изборно место во дворот на ОУ „7-ми Март“ (денес „Адем Јашари“), беа ранети вкупно седуммина партиски активисти и избирачи. Двајца од ранетите имале тешки телесни повреди од куршуми, испукани од повеќечлена вооружена група во „изборна“ престрелка кон политички противници. Најтешко повреден беше Беќир Асани, долгогодишен член на ДУИ и локален партиски функционер во Чаир.

Петмина гласачи имаа телесни повреди по инцидентот, четворица од нив беа ранети со огнено оружје, а една жена беше повредена кога паднала, барајќи место да избега од куршумите. Жена-пензионерка се здоби со тешки телесни повреди, откако доби куршум во колено. Таа заврши со скршеница на потколеницата и скршеница на лакотот кога паднала покосена од куршумот на изборните насилници.

Идејата за предвремените парламентарни избори дојде веднаш по Самитот на НАТО во Букурешт на кој Грција го отфрли договорот за промена на името на Македонија во „Република Македонија-Скопје“. На договорот претходно се согласил премиерот Никола Груевски. Поради тоа, Груевски, заедно со својот коалициски партнер лидерот на ДУИ, Али Ахмети, одлучија да се оди на предвремени избори.

На изборите победи коалицијата За подобра Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во Собранието влегоа 17 политички партии, од кои 10 со само еден пратеник.

На 26 јули 2008 година е изгласана новата влада, составена од министри од ВМРО-ДПМНЕ, од коалициските партнери во коалицијата За подобра Македонија и од ДУИ, како партија со најголема поддршка кај албанскиот електорат.

Избори 2011

Вторите предвремени парламентарни избори во Македонија се одржаа на 5 јуни 2011 година. На овие избори првпат македонските државјани во странство избираа свои посебни пратеници (во изборните единици 7, 8 и 9), откако оваа можност беше воведена со измените на Изборниот законик од октомври 2008 година.

На изборите победи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која по изборите формира нова коалициона влада на чело со Никола Груевски.

Избори 2014

Предвремените парламентарни избори во 2014 година се одржаа на 27 април 2014 година. Тие се одржаа истовремено со вториот круг на редовните претседателски избори. Тие беа трети предвремени парламентарни избори од независноста на Македонија.

Изборите беа распишани на 6 март 2014 година. Беа поднесени и прифатени 14 кандидатски листи, сите од политички партии и коалиции. Севкупно, на изборите учествуваа 51 партија. Од нив, 9 настапија самостојно, а 42 во некоја од коалициите. Во коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ зедоа учество 23 партии, речиси половина од вкупниот број партии кои учествуваа на овие избори.

На изборите победи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата предводена од СДСМ ги оцени изборите за нерегуларни и одлучи да го бојкотира Собранието. На 19 јуни 2014 година Собранието ја изгласа новата влада, која повторно е коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и на чие чело повторно застана Никола Груевски.

По 15-месечен бојкот, на 1 септември 2015 година опозицијата предводена од СДСМ се врати во Собранието.

Избори 2016

Предвремените парламентарни избори во 2016 година се одржаа на 11 декември. Овие избори беа историска пресвртница во македонската историја. По речиси 10 години владеење, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој некои го нарекуваа диктатор, беше принуден да поднесе оставка од функцијата на 18 јануари, согласно Пржинскиот договор кој партиите го постигнаа на 2 јуни 2015 година. Изборите ги организираше техничка влада која ја предводеше премиерот Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, а во Владата свои министри имаше и СДСМ, за внатрешни работи и за труд и социјална политика.

За овие избори се применуваше пропорционален модел со затворени листи. 120 пратеници се избираа во шест изборни единици, по 20 од секоја, при што мандатите се распределуваа според Донтовиот метод.

Промени во моделот имаше за гласањето на дијаспората. Бидејќи на претходните избори, тројцата пратеници од дијаспората се избираа со помалку гласови отколку пратениците во Република Македонија, овој пат дијаспората наместо во три, гласаше во една (седма) изборна единица.

На 9 јануари 2017 година, претседателот Ѓорѓе Иванов го додели мандатот за формирање влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, бидејќи неговата партијата освои најмногу гласови на изборите. Но, Груевски не успеа во уставно предвидениот рок од 20 дена да состави влада.

По ова, лидерот на СДСМ, Зоран Заев успеа да оформи парламентарно мнозинство преку коалиција на СДСМ со ДУИ, Беса, и коалицијата Алијанса за Албанците, по што на 27 февруари достави 67 пратенички потписи до Иванов за добивање мандат.

Талат Џафери беше избран за собраниски спикер на 27 април 2017 после 20 продолженија на конститутивната седница. По изборот на Џафери, следуваше упад во Собранието, познат како „крвавиот четврток“ на околу 300 демонстранти, чиј исход беа и неколку претепани пратеници. Зоран Заев го доби доби мандатот за состав на влада од страна на претседателот Иванов на 17 мај, по испорачаната изјава со гаранција за зачувување на унитарноста на државата. На 31 мај беше изгласана новата македонска влада, 171 ден по завршувањето на изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот