
ПАРКОВИТЕ И ВОДНО ПОЛНИ: Дали родителите погрешно ги толкуваат препораките од министерот Филипче? (ГАЛЕРИЈА)
Екипата на Слободен печат денеска поразговара со родители кои беа излезени на пролетното сонце. Дел од нив воопшто не сметаат дека кратките прошетки предизвикуваат опасност за нивното здравје и здравјето на нивните деца, додека пак останатите стравуваат од вирусот и не се сигурни во исправноста на нивната одлука да ги напуштат домовите, но сепак, одлучуваат деновите да не ги поминуваат дома, пред телевизор.
Откако министерот за здравство Венко Филипче ги соопшти мерките на претпазливост, со цел намалување на ризикот од новозаболени од коронавирусот, се испразнија училиштата и градинките, но за сметка на тоа се наполнија детските паркови низ населбите во Скопје.
Препорачано
Екипата на Слободен печат денеска поразговара со родители кои беа излезени на пролетното сонце. Дел од нив воопшто не сметаат дека кратките прошетки предизвикуваат опасност за нивното здравје и здравјето на нивните деца, додека пак останатите стравуваат од вирусот и не се сигурни во исправноста на нивната одлука да ги напуштат домовите, но сепак, одлучуваат деновите да не ги поминуваат дома, пред телевизор.

– Дали се плашам? Па загрижен сум малку, ама не до мера да кревам паника. Живееме во близина, и редовно доаѓаме во овој парк, но добро е што нема многу гужва, па и нема голема опасност од ширење на вирусот – ни рече еден татко кој го сретнавме во паркот во Капиштец.
Се упативме и на Водно, каде што не затекна слика која беше само делумно очекувана. Паркингот на средно Водно беше преполн, а дел од посетителите беа изненадени од неработењето на жичарата. Меѓу посетителите на Водно сретнавме и туристи од Финска, кои вирусот ги затекнал во Македонија. Сега стравуваат за нивното здравје, но и се прашуваат како ќе се вратат дома, со оглед на тоа што почнаа да се применуваат ригорозни мерки на граничните премини.
– Тука сме два дена, веднаш штом стигнавме ги слушнавме препораките од Владата. Многу сме исплашени, и избегнуваме контакт со многу луѓе. Денеска дојдовме тука, на Водно, но разочарани сме бидејќи не можеме да се искачиме на врвот, ни рече парот од Финска.

Групи од по пет-шест деца забележавме и на други локации во Скопје. Во Кисела Вода беше „најживо“, а не заостануваше ниту Градскиот парк. Родителите на децата кои одлучиле да не се самоизолираат, тврдат дека министерот за здравство Венко Филипче, во ниту еден момент не повикал на домашен карантин, без можност да се излезе на прошетка во најблискиот парк.

– Доаѓаме секој ден и остануваме по околу еден саат. Времето е убаво, и надвор сме на воздух. Го почитувам тоа што го кажа министерот, децата не ги носам во игротеки, ниту пак јас одам во ресторани, но од кратките прошетки нема да се откажам, освен ако не биде и тоа забрането, ни рече Александра, мајка на две деца, која ја сретнавме во паркот „Шопен“, во населбата Кисела Вода.
Родителите кои не останаа во самоизолација, пак, се на тапет на другите, кои се исплашија од вирусот, и не излегуваат никаде. Ги стигматизираат, нарекувајќи ги неодговорни и несовесни. Но, дали поделбата на „мајки и немајки“ се појави поради тоа што различно се толкуваат препораките, или пак, истите не беа доволно јасно изнесени и презентирани во јавноста?

Имено, откако СЗО објави пандемија, министерот Филипче инфомираше дека превентивните мерки се заоструваат, односно од Владата ќе биде побарано сите групни собири без разлика од бројноста да бидат одложени, а кафетериите да работат со редуциран број на маси, распоредени на дистанца поголема од еден метар и тоа само до 18 часот. Истата мерка важи и за обложувалниците и за казината.
Што се однесува на излегувањето надвор, препораките од Министерството за здравство, во моментов се, доколку се престојува надвор, да биде тоа во помали групи. Засега, во Македонија не е воведен полициски час, и не е ограничено слободното движење, освен за лицата кои се во домашен или болнички карантин.