Парк-шумата Гази Баба на „удар“ на вандалите и на автомобилите

Фото: Фејсбук

Од Град Скопје тврдат дека парк-шумата е целосно заштитена и на трите нејзини влезови има поставени рампи за да се спречи влез на возила.

Граѓани од Општина Гази Баба бараат Град Скопје и локалната власт да преземат мерки за да се заштити парк-шумата Гази Баба од несовесни граѓани кои доаѓаат да се рекреираат со автомобили, особено од вандалите кои зад себе оставаат ѓубре на летниковците и зелените површини. Особено револт предизвика неодамнешното исфрлање градежен шут во паркот за што сведочеа фотографиите, кои тамошните жители ги споделуваа по социјалните мрежи.

-Ова е врвот на вандализмот, исфрлање шут. Под итно да се стави рампа со камера за да се спречи влегувањето со моторни возила, бидејќи е пешачка зона. Не може на раат да се шета од возила кои ја газат тревната површина – се вели во објава на фејсбук групата „Ѕид на Општина Гази Баба“.
Граѓаните потсетуваат дека овој простор е парк за прошетка, а не паркиралиште за коли. Тие сметаат дека треба да се постави рампа од страната на Автокоманда и од страната на Железара.
-На почетокот има една рампа која е нефункционална. Време е за рампа со картичка и со куќарка и чувар кој би управувал со рампата – пишува во коментар на објавата. Граѓаните во своите коментари предлагаат и поставување камери и повисоки казни, за да се заштити единственото место за прошетка и рекреација во овој дел од градот.

Од Град Скопје, во чија надлежност е парк-шумата Гази Баба, велат дека просторот е обезбеден со рампи, а дека шутот бил исфрлен надвор од границите на паркот, во делот на Железара, каде, како што објаснуваат од Градот, немаат ингеренции за поставување рампи. Но, и покрај тоа, како што тврдат, веднаш се презеле активности за расчистување на исфрлениот шут.

– Парк-шумата Гази Баба е целосно заштитена и на сите нејзини влезови има поставени рампи (три) за да се спречи влез на возила. Исто така, парк-шумата се обезбедува со чуварска служба од ЈП „Паркови и зеленила“ – велат од Град Скопје.

Фото: Фејсбук

Оттаму нагласуваат дека продолжуваат континуирано да работат на проблемот со дивите депонии во Скопје.

– Изминатиов период продолжија активностите за расчистување на дивите депонии и нивно претворање во нови зелени оази и паркови за граѓаните. Вакви нови паркови скопјани добија во Мичурин во Аеродром, каде расчистивме 15.000 кубни метри отпад и подигнавме нова јавна површина на повеќе од 6.000 метри квадратни, како и нов парк во Кисела Вода, лоциран меѓу улицата „Лазар Димитров“ и железничката пруга, зад бараките во населбата 11 Октомври, кој денес е нов зелен парк на површина од околу 16.000 квадратни метри – потсетуваат од Градот.

Продолжува и проектот за оплеменување на запуштените јавни површини, во чии рамки, како што велат, моментално се работи на четири локации на редизајнирање на постојните зелени површини согласно со потребите на граѓаните за одмор, релаксација и дружење. Неодамна започна и чистењето на големата депонија во Визбегово, која е еден од најголемите причинители за загадување во северниот дел од градот.

-Ние ќе продолжиме да даваме поддршка на терен со цел да ги сузбиеме овие појави, но за жал има доста законски пречки и проблеми со што значително се спречува можноста за поефикасно делување. Од тие причини Градот Скопје побара зголемување на ингеренциите на инспекторите и зголемување на казните извршена е измена на поголем број на закони, а во моментов се работи и на предлог законот за комунална полиција со која би се отстраниле недостатоците во постоечката законска регулатива – објаснуваат од Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот