Парк или згради-вечна дилема на жителите на Карпош

Фото: Слободен печат

Доколку се реализира она што е предвидено во Деталниот урбанистички план Градска четврт 3 08, покрај улицата „Никола Тесла“ во општина Карпош нема да остане ниту едно паркче, а ќе го снема и детското игралиште. На нивно место ќе изникнат згради.

Ова предизвика бурни реакции кај граѓаните кои по социјалните мрежи посочуваат на се поголемата урбанизација на општината и уништување на локациите наменети за зеленило и релаксација. На мета на овој ДУП е и детското игралиште во Карпош 1, на улицата „Никола Тесла“, на чие место треба да израсне зграда.

– Што се однесува за конкретната локација, станува збор за приватно денационализирано земјиште со вцртена маркица во моментално важечкиот ДУП (З 08). Сакаме да потенцираме дека станува збор за ДУП донесен од претходната локална власт во Карпош. Сепак, нашата намера е тој простор да остане детско игралиште и на овој простор да не се гради нова зграда. Ова е нашата намера и ќе се искористат сите возможни правни механизми, како и процедури за промена на ДУП – от, со цел да се заштити овој објект од нова станбена единица – изјавија од општина Карпош.

Но, од Општината не одговорија дали ќе се преиспита како е дозволено зелена површина да се пренамени во градежно земјиште и покрај тоа што оваа парцела со денационализација е вратена на некогашниот сопственик.

Доколку внимателно се погледне ДУП-от ќе се забележи дека долж улицата речиси да нема зелена површина или сосема малку иако моменталната ситуација е поинаква. Во планот таму се вцртани станбени згради.

Еден таков пример е и паркчето кое се наоѓа на аголот помеѓу улицата „Никола Тесла“ и булевар „Партизански одреди“ во Карпош 2. Паркчето има петнаесетина дрва, клупи и е пријатно место за маалска дружба. Сепак, бидејќи и ова земјиште сега е во приватна сопственост, општината не го уредува, клупите се стари, патеките испукани, а не е останат ниту еден детски реквизит. Кога сопственикот ќе реши да гради ќе исчезнат и дрвата и зеленилото. Како овој простор од зелена јавна површина станал градежно земјиште и кога поминал во приватна сопственост, дали е продаден или вратен со денационализација – немаме одговор.

 

Деталниот урбанистички план претходниот Совет на Општина Карпош го донесе пред три години на седницата одржана на  22.02.2015.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот