Париз, Берлин и Рим против раздвојување на преговарачките процеси со Македонија и Албанија

Фото: МИА

Се чека секој момент министрите за надворешни работи на ЕУ да ја започнат втората рунда разговори за започнување преговори за членство со Македонија и Албанија, но ретко кој верува дека денеска ќе биде можна одлука, јави дописничката на МИА.

На последниот предлог за раздвојување на двете земји и започнување на преговори прво со Северна Македонија се противат три земји – Франција, Германија и Италија.

Франција се противи поради тоа што не сака никакво ново проширување пред да се реформира преговарачкиот процес, додека Германија и Италија стравуваат дека доколку преговорите започнат само со Македонија, Албанија „вечно” ќе остане во чекалницата на ЕУ, велат за МИА дипломати од земја членка на ЕУ.

Холандија, според нив, не се противи на раздвојувањето од Албанија, бидејќи Хаг мора да ја следи одлуката на холандскиот Парламент кој смета дека Скопје е подготвено за преговори, а Тирана не.

Останува дека Холандија сака да го услови отворањето на преговорите со носењето на законот за јавно обвинителство, како што најави утрово шефот на холандската дипломатија Стеф Блок, пред почетокот на министерскиот состанок.

Доколку се дојде до договор за отпочнување на преговорите со Македонија, Хаг би барал првата меѓувладина конференција да се одржи само откако ќе биде задоволено барањето за независно јавно обвинителство.

Дипломатите во Луксембург објаснуваат дека дури и да се постигне компромис за евентуално раздвојување на двете земји, многу се мали шансите тоа да биде сторено денеска, бидејќи француската државна секретарка нема мандат да носи таква одлука. Неа може да ја донесе само францускиот претседател Емануел Макрон на Самитот на ЕУ в четврток и петок во Брисел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот