Ѓоко Ристов, судење / Фото: Слободен печат

Парите во ѕидот, станот од фирма на Ѓаволот и снимките со Стафа — што презентираше обвинителството против судијата Ристов?

Обвинителката од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева денеска пред судот ја почна доказната постапка, а како доказ го презентираше и тврдењето на таткото на судијата Ѓоко Христов, кој при претресот кажал дека тој дел од куќата го користел неговиот син.

Парите во ѕидот се најверојатно на синот Ѓоко, судијата, тврдел таткото на суспендираниот судија Ѓоко Ристов, на кој му се суди под обвинение дека ја прикривал имотната состојба и перел пари, а највпечатлив момент од истрагата против него беа 350-те илјади евра кои беа најдени во ѕидот од кујната во семејниот дом од неговите родители во Неготино.

Обвинителката од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева денеска пред судот ја почна доказната постапка, а како доказ го презентираше и тврдењето на неговиот татко кој при претресот кажал дека тој дел од куќата го користел неговиот син, Ѓоко.

Ова беше кажано кога беше презентирана снимката од претресот во семејната куќа на која се гледа како се кршат плочките и се наоѓаат парите спакувани во 13 пакувања со вкупно 610 банкноти во апоени од 200 и 500 евра.

Обвинителката пред судот презентираше и податоци од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за имотната состојба на Ристов и неговата сопруга, Симона Зориќ-Ристова, вработена во Државното правобранителство. Беа приложени имотни листови од 2008 и 2021 година, во кои се прикажани недвижности, возила, акции и кредити, како и податоци за семејни и деловни поврзаности.

Посебно внимание во постапката беше посветено на кредит за стан во Охрид, земен преку „Охридска банка“ и поврзан со фирмата „Алма комерц“ на Љупчо Пецов — Ѓаволот, за кого Ристов претходно одлучувал во судски постапки. Станот подоцна бил пренесен на таткото на сопругата, при што, според обвинението, биле вклучени сложени финансиски и полномошни конструкции меѓу инволвираните лица.

Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница

Во судницата беа презентирани и докази за платите на обвинетиот и неговата сопруга, како и нивно учество во управни и правни структури. Обвинителството истакна дека постојат индиции за судир на интереси и влијание врз судски одлуки.

Како дополнителен доказ беа изнесени судски одлуки од 2017 и 2021 година поврзани со Љупчо Пецов, во кои Ристов одлучувал во негова корист, како и видеоснимки од средби меѓу Ристов и поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, вклучително и во просториите на Апелацискиот суд. Стафа претходно призна вина во поврзан случај за примање поткуп.

Одбраната побара присуство на вештакот кој ги изготвил наодите за биолошките траги и доказниот материјал, по што судот ја продолжи постапката. Обвинетиот Ѓоко Ристов пред судот изјави дека не се чувствува виновен по обвиненијата што му се ставаат на товар. Ристов „падна“ кога сестрата на Ѓаволот го пријави дека ѝ барал пари за да излезе нејзиниот брат од притвор, преку адокатот Фехми Стафа.

Стафа заврши во затвор, а Ѓаволот е на слобода.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот