фото: социјални мрежи/Христијан Мицкоски

Парите од унгарскиот кредит три месеци се на сметка, деталите за фирмите допрва се прецизираат

Стопанствениците велат дека имаат проекти и дека со нетрпение ги чекаат парите. Дел од нив изразија задоволство што ќе се проширува списокот на дејности што ќе бидат апликативни. Покрај производствени компании, и други фирми ќе добијат шанса

Парите од првиот кредит од Унгарската приватна експорт-импорт банка за износ од 500 милиони евра легнаа на трезорската сметка во октомври, а според последната најава на премиерот Христијан Мицкоски, компаниите може да се надеваат на поволниот кредит во вкупен износ од 250 милиони евра наменет за нив од февруари! Премиерот појасни дека се проширил списокот на компании што може да аплицираат за кредитот, но дека таа одлука треба да помине на седница на Владата, која ќе се одржи утре.

– Има некои измени. Го проширивме рангот на компании што ќе може да го користат кредитот. На следната седница во вторник (утре) ќе помине договорот и веќе ќе може Македонската банка за обнова и развој да ги потпишува договорите со комерцијалните банки, а веќе од февруари веќе компаниите ќе можат да ги користат – изјави Мицкоски.

Според договорот меѓу Владата и банките, средствата што ќе се пласираат кај стопанството се со камата од 1,95 проценти. Кредитот од унгарската банка е земен со каматата од 3,25 проценти и ќе се враќа од буџетот, односно од народните пари. Највисоката сума за која можат да аплицираат фирмите е 10 милиони евра, но треба да имаат учество од 20 проценти. Според првичните најави на премиерот, кредитната линија требаше да биде наменета за финансирање на дејноста производство, односно за инвестиции во опрема, машини, погони, фабрики. Своевремено, Мицкоски најавуваше дека парите за фирмите ќе бидат достапни минатата есен, кога помина есента стигна изјавата дека ќе бидат оперативни веднаш по Нова година. Изјавите ретерираа и во однос на тоа кој може да земе пари од оваа кредитна линија. При удирање камен-темелник на трговски центар во Гевгелија, Мицкоски рече дека ги охрабрува инвеститорите да вложуваат и во „вакви објекти“, по што предизвика многубројни реакции на сметка на тоа зошто сега народот да плаќа за изградба на трговски центри.

Стопанствениците, пак, нетрпеливо ги чекаат парите од унгарскиот кредит. Фирмите секогаш си прават финансиски конструкции на крајот од тековната за наредната година, што значи дека некои од нив веројатно веќе ги вкалкулирале и овие кредити.

Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски за „Слободен печат“ потврди дека има голем интерес за земање кредити од унгарската линија.

– Има интерес за парите, тоа веќе повеќепати го истакнуваме. Би сакале што е можно побрзо да се реализираат кредитите. Инаку, сите сме возрасни и знаеме дека кај нас роковите се релативна работа – рече Ангелоски.

Извршниот директор на Комората на Северозападна Македонија Дурим Зекири вели дека е добро што ќе се прошири списокот на компании што може да ги користат парите.

– Наш став е дека списокот треба да се прошири. За тоа веќе сме доставиле и предлог до Владата и добро е што има позитивна реакција. Ние не сме толку многу познати како држава со производствени капацитети. Особено сме фокусирани на тоа во списокот да бидат додадени угостителските објекти и хотелите, како и енергетиката како дејност, чиј развој за нас е особено важен. Сите имаат потреба од пристап до финансии, но сите немаат проблеми со ликвидност. Затоа, не сите дејности треба да се најдат на списокот, но оние што може да придонесат за економскиот развој, треба да ги има – изјави за „Слободен печат“ Зекири.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија честопати јавно изразуваше поддршка за оваа кредитна линија.

– Внатрешните анкети во Комората покажаа кои фирми би биле заинтересирани да инвестираат. Посебен бенефит би имале од инвестициите во извозните фирми, затоа што една мала земја како нашата, без извоз не може да опстане. Ако немаме додадена вредност, не може да имаме раст на БДП, не може да се враќаат долговите – изјави Азески во едно интервју за „Слободен печат“.

Неодамна Нина Наденоска, заменик-претседател на Управниот одбор на Шпаркасе банка, појасни дека и откако парите ќе стигнат во комерцијалните банки, траба да помине одреден период на одобрување.

– Вака „на прва“ изгледа многу едноставно, се знае отприлика кои компании ќе бидат апликативни, но има многу детали, дејности што официјално постојат во статистика и треба точно да се прецизира за да нема понатаму забуни. Очекуваме дека оваа линија ќе стане достапна по празниците. Сега да не спомнувам датуми затоа што следува период со многу неработни денови. Може да биде и февруари. Ние разговараме со клиентите и тие веќе се обраќаат до банките за проектите што планираат да ги реализираат. Но, од моментот кога ќе аплицираат, треба да помине одреден период додека банките ги обработат кредитните барања, додека направат анализа – рече Наденоска на крајот од минатата година.

Министерството за финансии целосно ја исплати евробврницата од 500 милиони евра земена во 2018 година

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот