Парите јавни, интересот нивни!

Жана П. Божиновска / Слободен печат

Да бидеме искрени, не зборуваме за македонска измислица. Прашањето е колкава е опасноста теоретски убаво спакуваниот „јавен интерес“ практично да излезе од контрола, бидејќи уште се живи сеќавањата за тоа колку бевме изгорени од таквиот јавен-нивен-интерес во најблиското минато.

По пет години откако беше кажано, престана да важи она „зборот е збор“ и настапи –  „молкот е молк“. Разумно, убаво и демократски звучеа тогашните зборови на Зоран Заев: „Оваа Влада нема намера да затвора пари во непродуктивни трошоци, какви што беа рекламирањето на пропагандата. Доста беше! Ги прекинавме владините реклами што од домашните и од меѓународните фактори беа назначени како извор на притисоци и контрола врз медиумите, а ќе ги објавиме сите досегашни трошоци за овие реклами“.

Така и се случи. Владата, тогашната, ги објави фантастичните 38 милиони евра, пари на граѓаните. „Имај трето дете“, „Истражи ја Македонија“, „Против абортус“ и други слични кампањи и пропаганда во електронските и во печатените медиуми ги донесоа овие пари во периодот од 2008 до 2015 година преку нејасни критериуми. Ама уште пофантастични се оние 7 милиони евра што завршиле само во една телевизија. И, што е уште посимптоматично, во таа сума од 38 милиони евра не се вклучени парите за кампањи во 2006, 2007 и во 2016 година. Документите не биле пронајдени!?

Овие податоци останаа малку подзаборавени, ама, ете, се појави „оваа Влада“, која не само што нѐ потсети на старите бројки, туку сега нѐ подготвува за нови под стариот (истиот) плашт, наречен јавен интерес, преку измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Да бидеме искрени, не зборуваме за македонска измислица. Прашањето е колкава е опасноста теоретски убаво спакуваниот „јавен интерес“ практично да излезе од контрола, бидејќи уште се живи сеќавањата за тоа колку бевме изгорени од таквиот јавен-нивен-интерес во најблиското минато.

И додека Владата си предлага, опозицијата се однесува како да „не е од овде“ – премолчува, па така брзата постапка експресно си врви. Или, како што изјави за Дојче веле Тамара Чаусидис, поранешна претседателка на новинарскиот синдикат, „Собрание кое буквално пет години не може да се состане и да спроведе избор на нови членови на АВМУ и на МРТВ, сега во скратена постапка ќе решава за поделба на јавни пари за приватни медиуми за кои ќе се одлучува по паритетна основа – малку за нашите, малку за вашите“.

Но, молчат и медиумите, па дури и кога евроамбасадорот Дејвид Гир отворено вели дека законот не е според стандардите на ЕУ, а власта од петни жили се труди да докаже колку сме ние усогласени со европското законодавство.

Кога веќе ги спомнуваме бројките (читај: парите), може да се потсетиме и на сега подзаборавениот Извештај на Рајнхард Прибе на кој што толку многу сите се повикуваа. Во делот за реформите во медиумите, во него јасно беше кажано дека „купувањето политичка поддршка во медиумите преку финансиско поддржување на медиумскиот пазар е неприфатливо“! Точка.

Ние може колку сакаме да ја вежбаме меморијата и да ги враќаме спомените, кога пратениците, очигледно, слабо ги служи помнењето.

Иако процедурата во Собранието малку позабави, поради стотици амандмани на Законот поднесени главно од Левица, речиси е сигурно дека на крајот сите, и власта и опозицијата, ќе бидат задоволни од „решението“ со кое ќе се озакони корупцијата во медиумите. Сите заедно, изедначувајќи го јавниот со партискиот интерес, ќе тргнат во правец спротивен од општествено посакуваниот.

А токму тој, партискиот интерес, го исфрли од употреба членот 102, кој пред пет години формално стави крај на практиката за влијание врз уредувачката политика на медиумите преку пари за владини кампањи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот