Парија меѓу соседите

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Судот на избирачите ќе биде интересен кога корона-кризата ќе заврши и секојдневието ќе почне да се нормализира. Тоа што владите во низа земји добиваат поддршка во екот на кризата не треба да се третира како нешто невообичаено. Таков беше донекаде случајот и во Македонија, барем во почетоците на ширењето на вирусната зараза. Но нарушувањето на економијата и масовната невработеност, со социјален немир како последица, како и затворањето на границите се заканува да остави длабоки рани.

Неделава, според препораката на Европската комисија, требаше да бидат отворени границите на целото подрачје на Шенгенскиот договор за сите видови патувања. Европскиот комесар за внатрешни работи Илва Јохансон ја образложи таквата одлука со проценката дека ситуацијата со ковид-19 во сите земји-членки сега е јасно подобрена. Европскиот центар за контрола и превенција од болести смета дека граничните рестрикции, воведени со избувнувањето на корoна-кризата, не претставуваат ефикасен начин на борба против ширењето на заразата.

Но граничните рестрикции и понатаму тешко се отстрануваат. Ова прашање станува посебно интересно таму каде што можеби и најмалку се очекуваше да биде заострено, како во случајот на скандинавските земји. Шведска, од каде што е Илва Јохансон, во текот на ширењето на коронавирусот постојано ги имаше отворено своите граници кон други ЕУ-членки. Тоа, меѓу другото, и беше причината што „посебниот пат“ на Швеѓаните во борбата против короната се најде на удар на критиките и предизвика големо медиумско внимание околу во глобални рамки.

Создавање негативна слика влијае врз секоја земја во меѓународните односи и посебно во односите со соседите. Според бројот на заразени и починати од ковид-19, Шведска се разликува од соседните земји. Данска, Норвешка и Финска воведоа поголеми рестрикции, што досега резултираше со помал број смртни случаи и воедно предизвика голема нордиска дебата за стратегијата за која се определи Шведска. Во моментов ниту една од соседните земји не сака да им овозможи на Швеѓаните да патуваат кај нив.

Но, едновремено, граничните рестрикции следат и некоја чудна логика врз која се базираат одлуките на владите. Тоа особено станува интересно доколку се погледне од перспектива на регионалните погранични подрачја, каде што корона-статистиката покажува сосема поинаков развој. Добар пример за тоа е подрачјето околу данскиот главен град Копенхаген, со мошне поголем број заразени и починати во споредба со регионот околу Малме во јужна Шведска, кој се наоѓа на само дваесетина километри оддалеченост од Копенхаген. Но, иако Данците слободно можат да патуваат за Шведска, на Швеѓаните не им се дозволува влез во Данска заради „заштита на националното здравје“.

Таквиот развој е проследен со загриженост дека отворената скептичност на соседите ќе влијае негативно врз соработката меѓу скандинавските земји, позната како нордиска соработка, која е и најстара регионална соработка од таков вид во светот. Традиционалното нордиско заедништво се темели врз заложбите за силна позиција на Нордискиот регион во светот, како еден од најиновативните и најконкурентни региони и се смета за важен дел од европската и глобалната соработка. Со драстични мерки на ограничување на движењето, психолошките ефекти и реакции се неизбежни. Но, доколку мерките што ги донесуваат владите не помогнат според очекувањата, тогаш се засилува ризикот политичката цена да биде – мошне висока.

Во повеќе погранични региони во Скандинавија се развивала непречена соработка од 50-тите години на минатиот век, а сега одеднаш се јавува ривалство и силни чувства меѓу соседните народи, таму каде што воопшто и не функционирал некаков посебно изразен меѓудржавен граничен режим. Оттаму и можните последици од новите посткризни околности предизвикуваат загриженост, и тоа меѓу луѓе и народи во Скандинавскиот регион кои досега всушност и немале силно изразено чувство дека живеат во различни земји, туку развиената погранична регионална соработка со децении наназад им овозможувала интегрирано учество во разни форми на секојдневниот живот. Токму затоа и се гордееле на таквата соработка, со секојдневни патувања на работните места и бизнис-релации од двете страни на границата, сфатена повеќе со нејзината симболична вредност, а не како инструмент за постојано компликување на слободата на движењето. Коронавирусот одеднаш ги помати добрососедските перспективи.

Шведската отвореност, како што веќе е констатирано, доведе до шведска изолација. Шведска во извесна смисла како да стана парија меѓу соседите, преку еден несреќен развој на околностите што фрла темна сенка врз традиционалното добрососедство. Во такви услови, десничарскиот популизам настојува да ги засили своите позиции, бидејќи неговото дејствување во основа се засновува врз поништување на границите меѓу вистината и лагите, поттикнување омраза и конфликти и искористување на незадоволствата и на фрустрациите на луѓето за постигнување сопствена полза.

Во регионот на Балканот се јасно изразени слични тенденции меѓу соседните земји, иако тоа и не е некаква новина изнудена од тежината на корона-кризата. Се чини дека се присутни напори улога на парија во регионален контекст посебно да ѝ се припише на Македонија и, како што на сите ѕвона удира и разгласува опозицијата, на македонската Влада и нејзината неспособност да се справи со последиците од пандемијата и да направи што било позитивно за својата земја. Македонија, доколку се слуша тоа што го зборува опозицијата, е единствениот негативен пример, „црвено означена непожелна зона“, од која зазираат сите соседи.

Апсурдните ситуации во таков контекст јасно ја потврдуваат изместената слика за политичката реалност, како во случајот на (не)функционирањето на експерименталниот концепт на пржинската техничка влада, во која министерот за внатрешни работи не само што се дистанцира од владините регулативи, туку и однатре како член на Владата дејствува во интерес на опозицијата. Произлегува веќе добро познатиот заклучок – дека борбата за гола власт ги оправдува сите средства. Па и опозициските крокодилски солзи што се лијат поради загрозеното здравје на народот.

Прикривање на вистинските уверувања и факти станува исклучително успешна политичка мимикрија во Македонија. Избирачите наскоро веројатно ќе знаат да го изберат подоброто за себе и за својата земја.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот