Пари има, пратеници има, закони нема!

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Сега, во време на пандемија, неопходни се еден куп закони, без кои сите сме заглавени на перонот, а возот не оди никаде. Бадијала позајмувавме стотици милиони евра, ако народните избраници не гласаат за парите да стигнат до народот.

Собранието, ако заборавиле пратениците, е законодавен дом. Таму треба да се донесат законите за да може да функционира државата, така како што треба. Законите, пак, се жива материја. Се надополнуваат, надградуваат, згаснуваат, создаваат… Претерано посегнување по законите, секако, покажува нешто друго – несериозност, недоследност, па и неукост. Но сега, во време на пандемија, неопходни се еден куп закони, без кои, сликовито кажано, сите сме заглавени на перонот, а возот не оди никаде. Бадијала позајмувавме стотици милиони евра, ако народните избраници не гласаат за парите да стигнат до народот.

Ова е кој знае кој по ред коментар од многу автори од различни провениенции за безобразноста и неодговорноста на пратениците, за блокирањето на Собранието, за тоа дека заборавија оти платата си ја земаат од народните, а не од партиските пари. Но, во Собранието, на место за народот, тие продолжија да одработуваат за партијата, себично покажување моќ и мускули, таму каде што не е место.

Во едно вакво лудило, опозициската ВМРО-ДПМНЕ „џентлменски“ предложи да има таканаречена ковид-седница, на која би се гласале само законите поврзани со мерките против корона-кризата. СДСМ го одби предлогот. Сепак, можеби треба да размисли уште еднаш. ВМРО-ДПМНЕ, очигледно, нема намера да ги чита законите, конструктивно да дискутира и да гласа, туку има намера да продолжи со докажувањето дека тесното парламентарно мнозинство сега е навистина доведено во тесно со секој пратеник заминат во изолација поради коронавирусот и дека тоа мнозинство не може само да создаде кворум за гласање. А тоа постојано се случува. Мнозинството сега е сигурно ќе обезбеди кворум за седницата од 23 март, но што ако пак некој замине во изолација?

Згора на сѐ, тука е Алијанса-Алтернатива, која го затрупа Собранието со амандмани и без трунка срам вели дека ќе го кочи владиниот петти економски пакет додека не се усвоел нивниот закон за државјанство. Какво непримерно ценкање во законодавниот дом!

А, економски пакет е важен за целата економија. Со вакво однесување и ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса-Алтернатива само покажуваат колку им е важна и економијата и народот. Текстилниот сектор веќе излезе со пресметки – ако не ја добие помошта за плати, ќе мора да отпушти околу 20 отсто од вработените. Ова значи дека бројката на отпуштени само во овој сектор може да биде 7.000 луѓе. Зарем не е побитна судбината на овие семејства од 7.000 амандмани што ги поднесе Алијанса-Алтернатива или од тоа најголемата опозициска партија по којзнае кој пат да покажува мускули? Зарем е поважно партиското надмудрување од законот со кој треба да се обезбедат државни гаранции за кредити за стопанството, отпис на каматите за старите долгови и уште еден куп закони што живот значат за фирмите и за стопанството?

Државата, пак, веќе се позајми за здравствените и за економските мерки против пандемијата. Но, со вакви пратеници, ем сме задолжени до гуша ем парите не можат да се користат, затоа што ги нема законите. Каков апсурд!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот