Паранојата се лечи, побарајте стручен совет!

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Иако Македонија, де факто, води една од полибералните здравствени политики во Европа во однос на вакцинацијата и генералните ковид-ограничувања, и кај нас квалификациите како „фашисти“, „диктатура“, „терористи“ и слични и понавредливи глупости се редовни епитети во фејсбук-пресметките со здравствените и медиумските професионалци.

И последното искуство на директорката на Клиниката за детски болести д-р Аспазија Софијанова, алармантно укажува на состојбата во која се наоѓа (и) македонската јавна сфера кога се во прашање реакциите на ставовите на видни и квалификувани експерти во разни области, а особено за прашањата врзани за пандемијата.

Имено, после еден стручен став на д-р Софијанова, втемелен врз светските искуства во таа област, објавен во печатеното викенд-издание на „Слободен печат“ и на порталот на весникот, а кој се однесува за евентуалното антиковид вакцинирање на деца постари од пет години, следуваше вистинска фејсбук-харанга од непристојности и лични навреди на сметка на докторката, една одвратна кампања во која не останаа поштедени ни семејните ни стручните ни политичките ни човечките „димензии“ на нашата позната лекарка. Хистеријата се прошири и со некоректното и извадено од контекст пренесување на нејзиниот став и на еден-два овдешни познати партал-портали, чијашто единствена смисла на постоење е негувањето на функцијата на жлездите за создавање плунка, на различни теми, кај нивните читатели.

Минатиот викенд, пак, некој незадоволен пациент ја фатил за гуша дежурната докторка во Охридската болница, а во текстот на колешката Мирослава Бурнс во „Слободен печат“ (https://www.slobodenpecat.mk/lekarite-vo-makedonija-stanaa-bokserska-vrekja-na-antivakserite-tepani-navreduvani-i-napagjani-so-odvratni-komentari-na-socijalnite-mrezhi/) директoрите на неколку скопски клиники говорат за постојаните закани и силното обезбедување што морале да го ангажираат за да се заштити здравствениот персонал од „правдата“ што разни граѓани мислат дека можат и физички да ја делат по клиниките и амбулантите. Лекарите се принудени дури да имаат и црвени копчиња на телефоните за да ги притиснат за алармирање на болничките обезбедувања во зачестените случаи на агресивни вербални и физички инциденти. Заканите, пцостите, омаловажувањата продолжуваат и во приватните животи на лекарите и медицинските експерти и по завршувањето на нивните болнички смени.

Низ нашите болници отсекогаш имало пациенти и нивни роднини што физички би се пресметале со лекарите. Но, заради пандемијава, ваквите недоличности сѐ почесто се поврзуваат со антиваксерските активисти и нивните истомисленици. Тоа добро го знаат и медиумските работници, новинарите и уредниците во сите медиуми, кои се изложени на слични секојдневни вознемирувања, лични навреди и закани дури и кога само ги пренесуваат ставовите на консултираните експерти од медицинската сфера.

Создадената токсична атмосфера оди дотаму што сѐ потешко се наоѓаат стручни соговорници што се подготвени јавно да ги елаборираат темите врзани за вакцините и за вирусната пандемија. Како да се има намера да се замолчат оние што знаат прилично за да се отвори уште поголем простор за оние што не знаат ништо, а имаат многу што да кажат?!

Паралелно со цврстите научни и практични докази дека вакцините и навремените лекарски интервенции се клучни за сопирањето на ширењето на епидемијата во општествата – во Македонија, на пример, над 80 % од оние што деновиве завршуваат на интензивна нега, а и со фатални исходи од заразата, се луѓе што одбиле или не нашле за потребно да се вакцинираат – расте агресивноста на, додуша, релативно малиот број здравствени милитанти распослани по социјалните мрежи и друг вид преписки со своите неистомисленици. Иако Македонија, де факто, води една од полибералните здравствени политики во Европа во однос на вакцинацијата и генералните ковид-ограничувања, и кај нас квалификациите како „фашисти“, „диктатура“, „терористи“ и слични и понавредливи глупости се редовни епитети во фејсбук-пресметките со здравствените и медиумските професионалци.

Од друга страна, што е право, кога повремено ќе се соберат на јавен протест, нашите антиваксери се бројат во неколку стотици луѓе, кои на мирен начин и, често, со најфантастични, па и забавни небулози го бранат своето право да не се вакцинираат. Но, потоа, кога ќе падне „мракот“ на анонимноста по социјалните мрежи или, пак, кога ќе ги фати страста за фејсбук-херојства и правење пакост, да почне неуморната кампања со карактерни атентати и најниски страсти против гласот на здравствениот, а и воопшто, здравиот разум.

Познато е дека кога се уплашени или кога се многу вознемирени, некои луѓе лесно запаѓаат во состојба на параноја, психолошки феномен проследен со фиктивен нагон на гонење, теории за конспирации и ирационалност од најразличен вид. Тоа е состојба на психоза што се лечи. Потребен е совет од стручни медицински лица – слични на оние кои сега се „дават“ по болничките ходници и коридорите на социјалните мрежи. Аман, луѓе, побарајте совет, никогаш не е предоцна да си помогнете!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот