Паралелните реалности ќе се спојат

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Како што стојат работите, Македонија ќе продолжи да си живее две паралелни реалности барем за догледно време. Во едната реалност, ќе го дочекаме грчкиот премиер во првата, историска посета на државава, со цела владина свита и бизнис делегација со кои цел ден во Скопје ќе се разговара за продлабочување на одамна запоставената соработка меѓу двата соседа. Во другата реалност, ќе се бодриме со идејата дека, кога ќе се промени власта, со една уставна измена „ќе го заштитиме името со клаузула за непроменливост“ (што и да значи тоа) и ќе ги вратиме односите со нашиот јужен сосед во „камено време“, пред потпишувањето на Преспанскиот договор.

Натамошниот развој на овие две реалности многу ќе зависи и од политичките собитија што ја очекуваат Грција годинава. Таму, наскоро, ќе се оди на европски избори, кои ќе бидат прва проверка за расположението на грчките избирачи кон политиките на Ципрас, а потоа наесен ги чекаат најверојатно споените локални и парламентарни избори со кои ќе се „пресуди“ за иднината на грчката левица после, и за нив, еден тежок и бурен економски и политички, историски период низ којшто помина грчката држава и тамошното истрауматизирано општество.

Повеќето прогнози се дека Ципрас ќе ги изгуби сите избори годинава, но тој наоколу шири оптимизам како однапред да знае дека во политиката ништо не се знае додека не се дознае; и дека и со изгубени избори сè уште може да се остане на власт, само ако оној што ги добил не може да формира влада. Од тие лекции и ние овде знаеме по нешто.

Има Македонија историско искуство со лидери како Ципрас. Мислам на Георги Димитров, ѕвездата на европската левица во триесеттите години од минатиот век и првиот бугарски повоен премиер кој го призна постоењето на македонската нација. Тогаш, сепак, целиот европски контекст беше сосема различен од денешниов, водејќи го континентот од една ужасна воена конфронтација, во една долготрајна студено-воена поделба што ќе ги „замрзне“ односите на Македонија со сите свои соседи како резултат на познатите источно-западно-неврзани околности на постоењето на тогашна Југославија.

Но, и тие години за Македонија не поминаа залудно, напротив: ако не можевме да ги развиваме односите со нашите албански, грчки и бугарски соседи на начин што би водел кон многу поголема соработка, со една комунистичка упорност и систематичност економски и општествено се развиваше самата социјалистичка Македонија, за да ја дочека својата независност во деведесеттите години од минатиот век во неспоредливи самоодржливи околности во споредба со она каде беше по Втората светска војна. За три-четири децении, во развојна смисла, рипнавме, буквално, еден век.

Денеска, наративот на Европската Унија повикува на меѓународна соработка во целиот балкански регион, а членството во НАТО упатува на одбранбено сојузништво во кое соработката е основата за постоењето на самата Алијанса. Во Македонија некој и да сака – а не сака – нема да има можност да се движи вон рамките на овие однапред определени „упатства за употреба“ во домашната политика, освен ако не се случи сосема да ги напуштиме тие евро-атлантски интегративни патеки по кои се движиме.

Со други зборови, ниту македонската, а ни грчката опозиција, немаат голем маневарски простор за напуштање на меѓународните обврски преземени со Преспанскиот договор. Кога ќе се „оладат“ предизборните митингашки кампањи, кои било две конзервативни, десничарски влади и во Скопје и во Атина ќе си продолжат со соработката, потајно и благодарни што некој друг им го решил за нив нерешливиот „проблем со името“ во македонско-грчките односи.

Паралелните реалности во кои сега предизборно живееме, кога ќе заврши ова „догледно време“ на неколку изборни циклуси, ќе си се спојат во приказната за економскиот и политичкиот развој со соседите, оти друга алтернатива немаме. Со или без уставна „клаузула за непроменливост на името“, што и да значи таа глупост што сега предизборно ја смислила нашава опозиција.

Извор: Цивил медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот