Парадоксот на Тригер

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Гледам комуналци се распафтале со метлите, напорно како да сме пред избори. А, тоа ѓубрето, ѓавол да го земе, колку и да се мачат, упорно се враќа по улиците, тротоарите, тревниците и парковите, паркинзите, болниците… сите јавни установи. Боде очи во пејзажот. Кај баш во предизборна кампања? Ние веќе навикнавме. И на ѓубрето и на овој веќе вообичаен предизборен феномен на чистење.

Покрај некој комуналец со метла, по уште некој со рацете на мобилниот, или турнати во џеб. Како Тригер и Бојси од „Само будалите и коњите…“, англиската серија, кај нас несреќно преведена како „Сплетки“. Како парадоксот на Тригер, кој се фали дека добил медал за „најдолговечна метла“. Ја користел таа истата цели 20 години. Се грижел за неа, ѝ ги сменил 17 пати четката и 14 пати дршката. Не и метлата.

Колку и да се мачат, нашиве комуналци не можат да го исчистат Скопје, како што ни Тригер самиот со својата грижливо чувана метла не го исчисти Пекам. А, сепак, овој лондонски кварт денес воопшто не е тоа што беше од времето на „Будалите и коњите“. Во седумдесетите, кога цутела невработеноста, тој лондонски кварт бил гнездо на вандали, паликуќи, џепчии и дрски разбојници, а сега е „пош“ населба, со квадратни стапки прескапи и за Бојси. Пекам не бил исчистен од Тригер, туку од обемна програма за обнова од 290 милиони фунти, а биле користени и фондови од Европската Унија. Не е до пафтањето, туку до организацијата.

Уште почисто е во Шведска, референтното ниво за рециклирање во светот, кое таму прерасна во профитабилна индустрија. Ползата е тројна – околината е чиста, ѓубрето се користи како суровина и згора на тоа се заработуваат милиони од рециклирање на отпадот на други, помалку организирани земји. По стотина милиони долари годишно. Обединетото Кралство, Норвешка, Ирска и Италија, на пример, плаќаат по 43 долари за секој тон ѓубре што ѝ го извезуваат!

Се рециклира (сортира, уредно фрла, собира, распоредува, чисти и обработува) 47 отсто од ѓубрето. Од 52 отсто се генерира енергија, која овозможува греење за 1 милион домови и струја за уште 250.000.

Само 1 отсто од ѓубрето завршува во депонии. Сакате споредба? Во Македонија во депонии завршува 99,8 отсто од ѓубрето.

Според податоци од државниот завод за статистика, во 2020 година во Македонија биле генерирани 913.033 тони ѓубре, односно секој жител просечно создавал 452 килограми отпад годишно, по кило и триста на ден.

Комуналните претпријатија собрале 630.086 тони, од што дури 525.745 тони било „измешан комунален отпад“, „органски отпад“, односно храна, лисја и слично 39.983 тони, пластика 11.630 тони, хартија 10.513 тони, текстил 10.112 тони и незначително количества стакло – 3.454 тони, метал – 1.946 тони и гума – 1.005 тони. Сето тоа со помош на неуморните „старо купуем“, на кои парите од собраните бојлери, акумулатори и чпориња… едвај им се доволни за да го платат бензинот.

Огромната индустрија на Шведска не била создадена преку ноќ туку е резултат на упорно спроведување на национална политика за рециклирање, речиси половина век. Како им успеало? Со воспитување и создавање навики, од деца. На национален ден учениците организирано собираат и сортираат ѓубре. Учат многу важна лекција. Во Јапонија, патем, децата ги чистат училиштата.

Пред тој половина век и ние, паметат генерациите блиски до мојата, се организиравме, ѕвоневме по домови и се натпреварувавме, одделение против одделение, кој ќе собере повеќе стара хартија. Значи не сме биле далеку.

Стокхолм е чист зашто околу секоја населба има реонска станица за рециклирање. Новитет се машините што даваат купони со попуст за секое депонирање сортиран отпад, а деновиве е промовиран центар што рециклира секаков вид пластика.

Кај нас се обновуваат контејнери и камиони, но не и навики. Колку и да се нови, контејнерите се преполни и смрдливи, а само некаде останал по некој специјализиран за стакло, хартија или метал, како „круна“ на ѓубрето околу него.

Упорно на секои неколку години менуваме ту четка ту дршка. Некој ќе се пофали со медал, но метлата никако да замете. Заглавени сме во стариот лош Пекам на Бојси и Тригер, со бескрајна реприза на насловната нумера: „Зошто само будалите и коњите работат?“.

 

Во спомен на Џон Чалис – Бојси и Роџер Лојд Патрик – Тригер

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот