Парадата на гордоста – победи!

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Парадата на гордоста покажа дека една важна цивилизациска битка е добиена, и назад повеќе не смее да има. Парадата – без лажна скромност – претставува многу јасен индикатор дека македонското општество се променило за 180 степени од времето на тврдиот груевизам.

Пред неколку дена во нашата држава се одржа „Парада на гордоста“, тоа, во конечноста не е само успех на климата во општеството, туку таквиот цивилизациски гест е за секоја пофалба; и не само што ја илустрира климата во општеството, туку го илустрира и типот на владеење во земјата – а тој е – со многу фалинки – плурален и демократски.

Ајде да одиме со базичните факти. Маршот на гордоста не беше забранет, се случуваше во строгиот центар на Скопје, што значи не само што парадата успеа да ги одбрани самите учесници на оваа манифестација, туку беше нешто кое и самата полиција мора да го брани, ако се претставува себе за вистинска сила на редот и законот, а не само да биде една од фракциите во перманентната граѓанска војна од низок интензитет; имено, ја одбрани парадата и правото на ЛГБТ-луѓето и оние кои ја поддржуваат слободата и љубовта, што значи обезбеди марширање и славење на различноста според законот.

Од една страна, сосема е неважно какви луѓе се тие: дали се „педери“, „лезбијки“, „трансродови“, важно е дека парадата се одржа, а ако беше забранета, тука во елементарното начело правната држава паѓа, и тука се гледа дали владеењето на правото функционира во реалноста или не функционира.

Oд друга страна, на самото одржување на маршот видов ваков наслов во медиумите: „Мнозинството граѓани поддржува мирен протест на парада на гордоста“. Првата спонтана реакција ми беше, што има тука „мнозинството граѓани“ да поддржува или да не поддржува, кога законот дозволува протести, маршови, собири…?! Па нека се само три „лезбијки“ и тројца „педери“, законот, пријатели, тоа им го дозволува: законот им дозволува мирно да протестираат, законот им дозволува да чекорат, законот им дозволува да маршираат и да водат љубов… Тоа што патријархалната „памет“ ќе вреска и ќе урла, тоа е сосема неважно и нерелевантно во овој контекст.

Како и да било, се докажа на Парадата на гордоста дека една важна цивилизациска битка е добиена, и назад повеќе не смее да има. И одржувањето на парадата – без лажна скромност – претставува многу јасен индикатор дека македонското општество се променило за 180 степени од времето на тврдиот груевизам, и годинешната парада е своевидна мерка за тоа дека институциите не се дегенерирани, така што за реалната и постоечка Северна Македонија постои, со сите нејзини реални проблеми и станува место, енергија и волја за решавање на таквите проблеми; чувството за различностите се докажува дека се на висока и приоритетна агенда, и од тоа отстапување не смее да има.

Значи, Парадата на гордоста помина во најдобар ред, државата и нејзините институции победија, победи и законскиот поредок како таков. И државата ја овозможи парадата, ги создаде околностите за да не дојде до нереди и реално загрозување на учесниците на парадата, па фер е да потсетиме и на тоа дека на насилството му се спротивставуваме, дека тие храбри момци и девојки ги рушат табуата и стигмата, и во некоја смисла таквата сила и љубов (ако сакате!) е „добитна комбинација“!

Или, со други зборови: Парадата во Скопје е вистинска победа – без бедни политички калкулации – не само на оваа група луѓе со вакви или такви барања, сексуални афинитети или слично, туку парадата во Скопје беше одбрана на елементарните принципи на едно цивилизирано и демократско општество, што дополнително би значело: право и слобода на сите и за сите, освен за оние кои свесно сакаат да ги угнетуваат другите луѓе.

Зарем, по ѓаволите со мене, тоа е навистина многу?

Конечно, Северна Македонија е држава, а тоа дали нешто е држава се гледа и на места кои се нарекуваат центар на главниот град, и тогаш граѓаните треба да направат разлика: ако во центарот на градот не се шиканира и пучира, тогаш и на маргините помалку ќе се шиканира и пучира. Оти знаете како, ако дрма и тресе во центарот на главниот град, тогаш дрма и тресе во целата земја. Добро е што парадата се одржа, добро е што државата учи да ги штити правата и слободите на сите нејзини граѓани, а оваа држава барем досега, го покажува токму тоа.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот