„Папската курија“ од Правниот факултет во Скопје

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Речиси исклучиво оваа „Римска курија“ е секогаш задолжена – urbi et orbi! – за толкување на „Светото правно писмо“ во Македонија! Тие се и Инквизиција и Опус Деи и Главната канцеларија на Светата конгрегација за евангелска пропаганда, со подеднаков број на машки и женски „Папи“ истовремено, независно од политичката „сезона“ на власт, па иако се меѓусебно скарани и поделени како „шиити“ и „сунити“, не им пречи „здружено“ да владеат со македонското право како расприкажани попови и, особено, попадики, кои мрсат секој петок (и четврток и вторник и сабота и понеделник и недела и среда)!

Ја гледам, од страна, јавнава дебата за Предлог-законот за Јавно обвинителство и две работи никако не ми влегуваат во глава…

Прво, во целата таа расправа, од експертската професорска правна фела, и во оваа прилика повторно се поканети САМО (се извинувам ако имало еден-два исклучоци што не сум ги забележал) угледните правни дејци од Правниот факултет на УКИМ. Во држава со 20 и кусур (!) постоечки правни факултети, си остана социјалистичката традиција негувана со децении наназад САМО државниот Правен факултет од Скопје да е, ексклузивно, „надлежен“ да ни ја толкува правната стварност и секоја точка и запирка во законите кои важат за целата македонска држава.

Тоа се истите луѓе кои тие закони ги пишуваат, ги толкуваат, како министри ги спроведуваат, а потоа се расправаат на долго и широко – меѓу себе, се разбира – зошто се нивните закони недоволно добри, па мораат да ги менуваат. Истите тие луѓе се главните домашни експерти ангажирани во владини и невладини, често странски проекти за сите можни аспекти на реформите во правосудството и седат во сите можни тела за акредитации, верификации и регулации на секој правен „прдеж“ што ќе се испушти во земјава.

Дури и кога некој од тоа респектабилно професорско „врело“ ќе замине во пензија, „светата мисија“ на исправањето на „кривите – правни – Дрини“ во државава ја преземаат или нивните некогашни асистенти, а не ретко и нивните синови и ќерки. За никако да не престане правниот „крвоток“ од светата „наследна“ линија на Правниот факултет во Скопје.

Речиси исклучиво оваа „Римска курија“ е секогаш задолжена – urbi et orbi! – за толкување на „Светото правно писмо“ во Македонија! Тие се и Инквизиција и Опус Деи и Главната канцеларија на Светата конгрегација за евангелска пропаганда, со подеднаков број на машки и женски „Папи“ истовремено, независно од политичката „сезона“ на власт, па иако се меѓусебно скарани и поделени како „шиити“ и „сунити“, не им пречи „здружено“ да владеат со македонското право како расприкажани попови и, особено, попадики, кои мрсат секој петок (и четврток и вторник и сабота и понеделник и недела и среда)!

Па, си велам, којзнае зошто ни една правосудна реформа во Македонија не ги дава потребните резултати во изминатите триесет години…

Второ, ја гледам јавнава расправа и си велам, зошто пратениците Албанци во Собранието правосудната реформа ја третираат само како „меѓумакедонска“, ВМРО-СДСМ работа? Зошто и тие не повикале некој свој учесник во расправата (нормално, никој не вели дека тоа мора неопходно да биде етнички Албанец или Албанка!), туку си седат од страна и си се кикотат („Артан и Илија, то су срца два!“), небаре темата за поставеноста и работата на Јавното обвинителство не се однесува на граѓаните кои и нив ги бирале? … Чудно.

Во таква весела атмосфера се приведува кон крај политичкиот процес за усвојување на Предлог-законот за Јавно обвинителство. Ако сега се усвои, претпоставувам дека веќе годинава повторно ќе биде предмет на нови измени и дополнувања, предложени, дебатирани и пропишани, од кого друг, ако не од нашите угледни експерти од Правниот факултет во Скопје.

„Жива материја“ е правото, тоа е.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот