Папата пристигнува на 7 мај во Скопје – КАДЕ И КАКО ќе можат да се движат граѓаните ?

Profimedia
Фото: Profimedia

Од Владата апелираат граѓаните навреме да го планираат времето за движење во центарот на Скопје во тек на посетата на папата Франциск во вторник следната недела и истакнуваат дека движењето за пешаците ќе биде непречено, а сообраќајот ќе се пренасочува по околните улици.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска изјави дека се обезбедени сите услови за непречено одење на работа и за функционирање и на јавниот и на приватниот сектор со оглед дека 7 мај е работен ден.

Во центарот на Скопје во вторник од шест до 19 часот ќе има забрани и ограничувања во сообраќајот кој ќе се пренасочува по булеварите „Кочо Рацин”,  „11. Октомври”,  „Свети Кирил и Методиј”, „Св. Климент Охридски”, „Партизански одреди”, „Самоилова” и булеварот „Гоце Делчев”.

Граѓаните кои живеат во централното градско подрачје доколку сакаат да ги користат своите возила на 7 мај треба да ги изнесат претходниот ден надвор од главната зона затоа што тој ден нема да можат.

Бошњаковски апелираше сите граѓани кои живеат на територијата на град Скопје да користат градски автобуски превоз којшто тој ден ќе биде бесплатен за сите.

– За сите граѓани движењето пеш низ Скопје ќе биде непречено, без разлика каде живеат и каде работат. Сите граѓани кои работат во центарот на Скопје кој ќе биде затворен за сообраќај ќе можат непречено да влегуваат без разлика дали одат на миса или не, што значи дека движењето е непречено. Потребно е да имаат лична карта за идентификација и бидејќи е отежнато севкупното движење да го испланираат времето и да тргнат половина час порано на работа  или каде било и да се упатуваат. Ќе им биде потребно подолго време да пристигнат, но непречено ќе се движат – рече Бошњаковски.

Бесплатните билети за следење на мисата се наменети за сите граѓани без разлика на вероисповеста и можат да се подигнат во католичките парохии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот