Папата Франциск од Атина ја изрази неговата почит за Договорот од Преспа

Папата Франциск во Атина
Папата Франциск во Атина / Фото: EPA-EFE/YORGOS KARAHALIS

Почит за „не лесниот пат што доведе до Договорот од Преспа, потпишан меѓу Грција и Северна Македонија”, изрази папата Франциск во неговото обраќање за време на свеченоста во претседателската палата во Атина, во присуство на претставници на грчкиот државен врв, јави дописничката на МИА од Атина.

Папата, ги спомена актуелните предизвици, климата, пандемијата, заедничкиот пазар, мигрантското прашање, сиромаштијата, направи паралела со Одисеј од епот на Хомер, истакнувајќи дека се „предизвици кои бараат од нас конкретно и активно да соработуваме”.

-Тоа и е потребно на меѓународната заедница, за да отвори патишта за мир преку мултилатерализам, кој нема да заврши да биде задушен од прекумерните националистички претензии. Ова ѝ е потребно на политиката, за да ги стави заедничките потреби пред приватните интереси. Можеби изгледа како утопија, безнадежно патување во бурно море, долга и недостижна одисеја. Сепак, патувањето во разбранувано море, како што учи големиот хомерски еп, често е единствениот пат. А до целта стигнува ако е водена од желбата за домот, од потрагата заедно да одиме напред, од „nostos algos”, од носталгијата. Во таа насока, би сакал да ја обновам мојата почит за тешкиот пат што доведе до „Договорот од Преспа”, потпишан меѓу оваа Република и таа на Северна Македонија, порача папата во неговото обраќање.

Се осврна на мигрантското прашање, велејќи дека мигрантите се протагонисти на „страшна модерна одисеја”, рече дека дури и „европскиот застој опстојува”,  а Европската заедница, „растргната од националистичката себичност, наместо да биде движечка сила на солидарноста, понекогаш изгледа блокирана и некоординирана”.

-Ако некогаш идеолошките конфликти ја спречуваа изградбата на мостови меѓу истокот и западот на континентот, денес миграциското прашање отвори јаз меѓу југот и северот, истакна папата и повика да се посвети внимание на оние на кои имаат е најголема потреба, и секоја земја пропорционално на можностите да ги прими, да ги заштити и интегрира мигрантите, „со целосно почитување на нивните човекови права и достоинство”.

Порача дека „без Атина и без Грција, Европа и светот не би биле тоа што се, би биле помалку мудри и помалку среќни”, а со зборовите „Бог да ја благослови Грција”, на грчки јазик, папата го заврши неговиот говор.

На присутните, во Премиерската палата во Атина, во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, министри од неговата Влада, претставници на црквата, како и новинари, говор одржа и претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која се осврна на пандемијата, на климатските промени, на мигрантското прашање.

-Во тешки времиња, со големи искушенија за човештвото, како што се бегалската и миграциската криза, сиромаштијата, климатските промени и пандемијата, придонесот на религијата и на црквата не е само од егзистенцијална важност и не е ограничен само на нејзините верници. Тоа е директно поврзано со политиката на грижа и хуманост и го отвора патот за мирен соживот и просперитет на сите нас, истакна Сакеларопулу.

Папата Франциск утрово пристигна во тридневна посета на Грција и оствари средби како со Сакалеропулу, така и со Мицотакис.

Попладнево ќе се сретне со поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, а утре наутро заминува за Лезбос, каде што ќе остане неколку часа и ќе ги посети бегалците сместени во прифатниот центар во Митилини.

Сѐ уште нема информации дали, исто како и за време на неговото патување на островот во 2016 година, ќе земе во Ватикан бегалци, баратели на азил.

Поради посетата на папата Франциск, Атина од утрово е под драконски безбедносни мерки, со ангажирани 3.500 полицајци и забрана за одржување на секаков вид протести и собири.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот