Папата донираше милион евра за помош на Римјаните погодени од коронакризата

Фото: EPA-EFE/VATICAN MEDIA

Ги повика јавните институции, свештениците и жителите да се приклучат кон оваа хуманитарна иницијатива.

Папата Франциск даде милион евра за нова фондација која ќе им помага на Римјаните погодени од економската криза предизвикана од коронавирусот.

Со фондацијата наречена „Исус, божествен работник“ ќе управува римската филијала на Каритас, христијанската фондација, соопшти денеска Римската бискупија.

Освен што е поглавар на 1,3 милијарди католици, Папата е и римски бискуп и својата донација ја даде во тоа својство.

Во писмо до кардиналот Ангело Де Донатис, кој со Римската бискупија управува во негово име, Франциск рече дека тие средства би требало да им помогнат на луѓето со финансиски проблеми.

Спомена и луѓе со повремена работа и привремени договори кои не им се продолжени, стажанти, мали претприемачи, работници во домаќинства и самовработени.

Истакна дека многу од нив се „мајки и татковци кои мака мачат да обезбедат храна за своите деца“.

Ги повика јавните институции, свештениците и жителите да се приклучат кон оваа хуманитарна иницијатива.

„Им се обраќам на сите Римјани со добро срце“, порача тој.

Де Донатис, кој и самиот го победи коронавирус, со кој се зарази кон крајот на март по што помина 10 дена во болница, рече дека многу му е благодарен на папата Франциск.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот