Папараците правеа пари на несреќниот живот на Ејми Вајнхаус, ова е искрена исповед на еден фотограф кој три дена ја бркал Ејми

profimedia

Ова е вистинска приказна на еден англиски фотограф, кој одлучил да провери како изгледа да се брка Ејми.

Познатата англиска пејачка, со тажна судбина, била родена на 14 септември 1983 година, во Лондон, а почина на 23 јули 2011 година. Наместо нејзината животна приказна, која на многумина е добро позната, ја објавуваме приказната на еден фотограф кој се откажал од „бркањето“ на Ејми кога сфатил дека нејзиниот живот воопшто не е за смеење.

Да се „улови“ Ејми Вајнхаус за папараците било национален спорт. Во што понезгодна поза била фатена, толку фотографијата станувала повредна. Ова е вистинска приказна на еден англиски фотограф, кој одлучил да провери како изгледа да се брка Ејми.

profimedia

Прв ден

Беше 11 часот кога стигнав на улицата Камден каде што живееше Ејми Вајнхаус. Здогледав тројца фотографи кои седеа на аголот, независно еден од друг. Тројцата беа на одредена оддалеченост еден од друг. Кога скршнав зад аголот, веднаш налетав на уште деветмина, беа во некакво возбудено расположение. Набргу дознав и зошто.

–   Само што ја пропушти пријателе! Влезе дома пред 10 минути, ми рече еден од нив.

Домот на пејачката се наоѓаше во релативно мирна зона. Но таа самата секогаш правеше „немири“ во јавноста, или така барем соопштуваа таблоидите. Ејми е главна цел на папараците уште од 2007 година, од времето кога нејзиниот албум „Back to black“ ја вивна во ѕвездите. Вистинската сапунска серија сепак започна кога влета во брак со контроверзниот Блејк Филдер- Цивил, следуваа написите за нејзините пијанства, дрогата, болеста од оштетените бели дробови, агресивното однесување, и од друга страна – нејзиниот огромен музички успех. Во меѓувреме, и неколку рехабилитации, неуспешни. На 5 ноември 2008 година, таблоидите повторно целосно го свртеа вниманието кон Ејми. Причина за тоа беше излегувањето на Филдер од затвор и неговата потреба од итна рехабилитација на клиниката. До тогаш, Ејми го немаше ниту видено ниту посетено. Но дента околу 16 часот, таа го напушти домот и влета во црниот автомобил. Весниците веднаш известија дека отишла да го посети во болница, наместо повторно да одбере да ја помине ноќта до зората во пијана состојба. Но колку е тоа навистина така? На пример, клиниката тој ден го имаше вообичаеното време за посети, од 12 до 14 часот, тогаш како би можела таа да влезе на посета после 16 часот?

А сега е веќе пладне и околу нејзината куќа има дузина папараци. Минатата недела некои од нив успеале да направат кратко интервју, снимено преку домафонот. Им зборувала околу десет минути, воглавно за актуелните епизоди од серијата „Икс фактор“. Подоцна сретнав еден од момците кој учествувал во оваа случка. Тој вака ми рече – „Ејми често знае да викне од прозорецот барајќи некој да дотрча до блиската локална продавница“. Таа ноќ побарала половина литар вотка, која ќе и биде пуштена преку сандачето за писма. Но бидејќи шишето не влегувало во сандачето за писма, морала да ја отвори вратата за да ја зема вотката. Отворила облечена во градник и тесна мини тексас сукњичка. За да им се оддолжи за вотката им дала кусо интервју преку домафонот.

profimedia

Фотографите секогаш доаѓаа тука затоа што беа сигурни дека нема да си одат без материјал. Велеа, Ејми продава! Нејзините фотографии се објавуваа веднаш, само неколку часа подоцна, и тоа насекаде низ светот. Колку пари ќе заработеше еден фотограф од фотките на Ејми, зависеше од два фактори. Првиот беше, како таа изгледа и што прави, а вториот, колку папараци тоа го фотографирале.

Ден втор

Беше некаде по полноќ кога се вратив следниот ден. Најдов пет папараци кои шетаа околу куќата. Сите го имаа истиот израз на лицето, па ми стана јасно дека Ејми тукушто излегла од дома, според гласините заминала во студиото за снимање. Едвај успеале да ја фотографираат. Некои папараци ја чекаа Ејми само дење, а некои само навечер. Ејми пак беше непредвидлива, немаше рутина. Никогаш не се знаеше дали нема одеднаш да ја отвори вратата и нешто да ги праша или да побара нешто, како тоа утро кога им понудила тостови. Соседите пак знаат да поминат по улицата и да префрлат – „ми се гади од сите вас!“. Тоа беше благо потсетување дека јавноста, а особено соседите на Ејми, на папараците не гледаа поинаку освен како на ѓубре.

Тука сум веќе 11 часа и ја гледам тажната реалност на папараците – ја чекаа Ејми. Сосема веќе сочувствувам со нивната желба Ејми да ја отвори вратата. Меѓусебно се шегуваат дека таа е себична, бидејќи долго ги остава вака, во чекање. Ни се приближува трио од тинејџери кои ја оправдуваат. Тие ја сакаат Ејми. Не веруваат во тоа што за неа се пишува. Велат дека таа е само природно слаба, па дури и ја оправдуваат нејзината врска со Цивил. Останаа до зора за да го видат својот идол. А јас си заминав.

profimedia

Трет ден

Двапати се вратив за време на викендот и два пати бев шокиран што пред вратата на Ејми немаше папараци. Слушнав дека имало некаков инцидент меѓу нив самите, па сите си заминале. Утрото бев привлечен од еден напис со наслов „Ејми, готово е!“. Успеав да зборувам со менаџерот на Ејми и тој ми рече дека папараците се однесувале како животни. Не сите, ама некои од нив, да. Тажната вистина е дека тие правеа пари на нечија туѓа несреќа. Најстрашно од сè беше што нивните фотографии немаа никаква врска со нејзината музика, туку со нејзиниот приватен живот. Нив ги немаше на концерти, туку пред нејзиниот дом.

Има чудна иронија во целава приказна. Пред да стане пејачка, Ејми работеше како заштитувач на авторски права во онаа иста агенција која подоцна ги испраќаше папараците да ја бркаат и фатат во најлошо возможно издание. Инаку, Ејми даде отказ на ова работно место образложувајќи дека работата и е здодевна. И оттогаш се фати за микрофонот, и покажа дека е извонредна пејачка.

Следниот ден градот беше преплавен со веста дека Ејми е во болница. Била итно префрлена поради страшната реакција на лекови. Тоа беше страшно потсетување дека зад смешните шоу слики, приватниот живот на Ејми не е воопшто за смеење. Тоа беше и конечниот крај на моето 100 -процентно набљудување на оние кои продолжија да ја чекаат Ејми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот