Пановски: Британскиот сој на вирусот полесно се шири, граѓаните да не се опуштаат и да носат сертифицирани маски

Никола Пановски

Рестриктивните мерки се потребни, меѓутоа се невозможни заради тоа што економијата и народот не може да издржи. Луѓето бараат опуштање на мерките и ако се донесат рестриктивните мерки целиот град ќе биде блокиран што само по себе носи ширење на болеста. Не очекувам да има некои рестриктивни мерки, треба да останат постојните, а ќе има апели за употреба на средства за лична заштита. Од здравствен аспект би ги затворил рестораните, меѓутоа дали е тоа реално и можно да се затворат комплет, но економски тоа е очигледно не изводливо. За казина и обложувалници не би разговарал ниту две минути. Тоа е затворен простор без прозори без проветрување.

Ова вечерва го истакна микробиологот Никола Пановски, кој рече дека најважно е граѓаните да не се опуштаат, туку да ги почитуваат мерките за заштита. Помала доза од британскиот сој на вирусот, посочи тој, е потребна за да предизвика болест.

– Тоа што порано го викавме два метри растојание не е доволно во затворен простор. Сега со маски веќе не е сто отсто безбедно, а се смета дека со овој сој не е безбедно на два метри двајца да зборуваат без маски ако едниот е инфициран. Да не зборувам за кашлање и кивање, доволно е зборување, за да достигнат тие аеросоли, што не беше претходно можно, Клиничарите кажуваат дека кај британскиот сој на вирусот поретко се губи чуството за мирис и вкус, поизразена е кашлицата. Многу повеќе се лепи за носот, побрзо продира низ клетките, рече д-р Пановски во емисијата „Само вистина” на Канал 5 телевизија.

Според него, законот треба да се смени, треба да не се носат маски таму каде не може да се пренесе вирусот и да му се олесни на народот.

– Во урбани средини нека се носи маска, но не и по села, ливади, ниви и по планини, па дури и во парк кога нема гужва. Второ треба да се тргнат шалови, марами и платнени маски, тие сега не штитат. Надвор не е битно, а во затворен простор треба да стои дека не важи веќе шал или марама, туку мора да се носат сертифицирани заштитни маски, како што се хируршка маска или маска N95. Треба да се засилат мерките, не може луѓе во продавница да влегуваат без маска.

Потенцира дека бројките на заболени во државава се должат на британскиот сој, кој полесно се шири, но и на опуштањето на народот.

– Тоа е не само кај нас, туку и во светот кога бројките на заболени се намалуваат и народот се опушта. Почнаа собирања на граѓаните што може да доведе до ширење на вирусот. Ова зголемување на бројот на заболени, се надеваме дека ќе остане како благ бран. Мислам дека ќе трае најмалку еден месец и ќе се движи меѓу 500 и 700 заболени. Да се апелира автобусите, автомобилите, таксистите да возат со отворени прозорци бидејќи за стотина до петсто пати се намалува преносот ако наизменично отворите два прозорци во автомобил. Во работните колективи да се овозможи проветрување и се што може да се прави да се прави на отворено со дистанца и почитување на мерките, рече д-р Пановски.

Тој рече дека 110 илјади пријавени за вакцинација е минимална бројка.

– Ако остане оваа бројка, 20 отсто од вакцините ќе ги потрошиме, а за 80 отсто треба да бараме некој да ни ги купи. Мислам дека кога ќе се види дека во Србија се отвора економијата, кога ќе ги видат луѓето како седат по кафани, дека бројките се ниски и дека патуваат низ светот, тогаш мислам дека и кај нас ќе почнат да се пријавуваат за вакцинација. Факт е дека ги нема вакцините, а имавме ветувања. Добра страна е што во март, април и мај додека не стигнат вакцините и додека поминат три месеци да почнат да дејствуваат, е побрзо создавање колективен имунитет, додаде микробиологот Пановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот