Панк Дизни: „Круела“ дефинитивно не е филм за деца

Ема Стоун како Круела де Вил/Инстаграм

Ниеден друг негативец создаден од студијата на Дизни не е толку омразен како што е Круела де Вил од „101 далматинец“. А и како да не биде кога има садистичка желба од кучешко крзно да си направи бунда. Стравот што го предизвикува со својата појава е поголем бидејќи таа, иако фиктивен лик, не е типичен антагонист од бајките: Круела де Вил е слика на злото кое е реално и блиску до нас.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Cruella (@disneycruella)

„Круела“, последниот од низата играни остварувања на Дизни снимени според најпопуларните анимирани филмови, ги следи настаните кои претходат на нејзината метаморфоза – од сиромашно сираче и надежна модна дизајнерка до налудничава богаташка. Круела е, едноставно, родена да биде злобна. Сместена во Лондон во седумдесеттите години, во најплодниот период на панк-ерата, „Круела“ е приказна за Естела (Ема Стоун) која со своите пријатели детство се занимава со ситни кражби и има амбиции да стане главниот дизајнер во модната куќа „Либерти“ предводена од мрачната Бароница фон Хелман (Ема Томпсон), икона на лондонската модна сцена.

Не случајно се одбрани токму седумдесеттите и панк-естетиката: неговата појава во тогашниот контекст се обраќа на занемарената младина на лумпенпролетаријатот. Панкот се создава од опсесијата со класата и важноста да се поткопа интелектуалното држење на претходната генерација. Во модата и музиката, пред сè, дејствува отуѓување, бес и произведува цела низа корелативи за официјалните архетипови на кризата на современиот живот како невработеноста, насилството, депресијата. Таа криза е причина за двоен живот, фиктивен и реален.

Естела ѝ припаѓа на таа анонимна толпа оставена на маргините и која единствено произведува гнев. Водена и од личната желба за успех, но и одмазда за трагичните настани од нејзиното детство, таа застанува контра старото, контра естаблишментот, чија слика е Бароницата. Стилската транзиција е нејзината транзиција кон Круела.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Cruella (@disneycruella)

„Круела“ е визуелно раскошен филм и костимографијата е она што ја води нарацијата. Очигледно е дека Вивиен Вествуд како икона на панк-движењето и целата супкултура се инспирацијата за изгледот на главниот лик. Естела во поголемиот дел од филмот е врзана за конкретна локација – Кингс роуд, улицата која е главната точка од каде се диктира лондонската мода, од панк, рок, хипи, диско и модси; од Вествуд и Малком Мекларен до Мери Квант. Музиката е внимателно избрана – „Клеш“, „Блонди“, „Стуџис“, „Стоунси“, „Блек Сабат“, но и „Би џиз“, Ненси Синатра, Нина Симон, додека носечката тема е дело на инди-рок бендот „Флоренс енд д машин“… Во една од најсилните сцени во филмот Круела пристигнува на модна ревија со натпис „Иднината“ преку нејзиното лице, а фонтон е земен од албумот на „Секс пистолс“, „Never Mind the Bollocks“.

„Круела“ дефинитивно не е филм за деца, овој пат од „Дизни“ биле малку похрабри во изборот на сценаристите и целиот концепт и што е на крај најважно за ваквите остварувања, тој е многу забавен.

Оцена: 4 +

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот