ПАНИКА КАЈ ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ: Стравуваат Косово да не удри и по другите производи!

фото: Pixabay.com

Македонските земјоделци стравуваат Косово да не ја спушти рампата и за други земјоделски производи од нашите ниви, откако во петокот стигна веста дека поранешната покраина го забранува увозот на македонскиот компир и мед како одговор на нашата забрана за увоз на икра и рибен подмалдок од Косово.

Македонското министерство за економија останува на ставот дека забраната на узвоз на икра и рибен подмалдок е неопходна затоа што и покрај сите инсистирања, за нив не се добини соодветни документи од акредитирана косовска институција.

Од Сојузот на земјоделци на Македонија велат дека не се изненадени од овие мерки од Косово, затоа што и во минатото имаше пракса на закани за воведување на разни производи.

– Контра-мерките не се изненадувачки, затоа што ние сме мал пазар и постојно добиваме вакви закани од соседството. Не знам како може нешто што е договорено во име на ЦЕФТА некој да го руши. Не се исклучува можноста Косово да одговори со мерки и за други производи, но се надеваме дека ќе се најде соодветно решение со кое земјоделците нема да имаат вакви проблеми – изјави за „Слободен печат“ претседателот на Сојузот на земојделци на Македонија, Вењо Танатаров.

Ристо Велков претседател на Агросојуз – Струмица вели дека откажувањето на некој пазар сега е многу опасно за земјоделците затоа што тие се во фаза на производство на градинарски производи, а и лозарските производи ќе се понудат наскоро.

– Очекуваме од Косово да има мерки и за други производи. Нема да изненадат и помали количини што треба да се испорачаат на нивниот пазар. Можно е да се случат вакви работи, но се зависи од  политиката… – вели Велков.

Тој смета дека државата и институциите мораат да имаат алтернативни опции во вакви ситуации.

– Ние не можеме да се ориентираме само на еден пазар, мора секогаш да постои алтернатива, во спротивно лесно ќе бидеме уценувани. Сепак мислам дека мерката на нашето Минисерство за економија е оправдана, затоа што ние не можеме да увезуваме производи кои имаат несоодветна документација за квалитетот. Затоа сметам дека властите на Косово не треба да ни се лутат на нас, туку треба да воведат соодветни мерки на домашниот пазат за извозот на одредени производи – додава Велков.

Што се однесува до забраната за медот, индивидуалните пчелари сметаат дека нема да имаат проблеми со забраната за извоз, односно забраната ќе се одрази само на компаниите кои пакуваат мед.

– Ние пчеларите не сме опфатени од оваа забрана, затоа што ние нашите производи ги продаваме на локално ниво – вели Иван Додевски, пчелар кој повеќе години се занимава со призводство на мед и производи од мед.

Трговската војна со Косово може да не чини скапо. Косово е една од ретките земји со кои имаме суфицит во размената. Во првите шест месеци од годинава вкупната трговска размена изнесувала 152 милиони евра, од кои извоз од нашата земја кон Косово изнесува 139 милиони евра.

Во Министерството за економија се организира состанок на кој покрај Министерството за економија, ќе учествуваат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Царинската управа, Агенцијата за храна и ветеринарство и други институции.

На состанокот се очекува да се превземат активности за разрешување на последиците од воведената мерка од страна на северниот сосед.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот