„Пандевци“ немаат ниту теоретски шанси против Зрињски!
Шкендија во вторник од 17.00 часот ќе го пречека во Скопје Номе Калју во возвратниот дуел од 1. квалификациско коло на ЛШ со резултат 1:0.
Другите три учесници в четврток во Лига Европа, Македонија ЃП ќе брка негатива против Алашкерт (1:3), а Шкупи има добри шанси да се пласира во следната фаза после оние 3:3 на гостувањето во Ерменија кај Пјуник.
И на крајот фудбалерите на Академија Пандев, тим кој дебитира на меѓународната сцена, се најблиску до елиминација, откако на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје загубија со 0:3 од Зрињски Мостар.
Селекторот на македонската А репрезентација, Игор Ангеловски говореше во интервјуто за босанскиот медиум „Dvevni avaz“ и шансите на нашите екипи во пресрет на реванш дуелите.
-Шкендија ја оправдува фаворитската улога во Лигата на шампионите, додека Шкупи направи добар резултат во Пјуник (3:3) и реваншот мора да го искористи за пласман и останување во Европа. Од друга страна екипата на Македонија ЃП која е поразена со 1:3 во Ереван од Алашкерт ќе има тежок реванш. Ќе видиме, можеби голот на Јашароски на првиот меч сепак ќе донесе пласман во наредното коло. Академија Пандев нема ниту теоретски шанси да го изненади Зрињски во Мостар – вели Ангеловски.