Пандев: Не ни требаат плукачи на трибините, туку вистински навивачи кои веруваат во нас

слободен печат

Македонската фудбалска репрезентација утревечер (20.45 ч.) на Националната Арена „Тодор Проески“ ја пречекува Словенија во рамките на квалификациите за ЕП 2020 година.

Атмосферата во таборот на „рисовите“ е на највисоко ниво иако на утрешниот натпревар нема да настапат неколку стандардни фудбалери. Селекторот Игор Ангеловски не е загрижен од добрата форма на противникот кој победи на последните три натпревари, бидејќи и „црвено-жолтите“ имаат добра серија но и тоа што е поважно, имаат и игра за да победат Словенија.

– Не знам што размислуваат и како размислуваат Словенците, ниту ме интересира такво нешто. Ме интересира како ние ќе играме, а јас ветувам дека ќе изгинеме за победа. Ветувам дека ќе се бориме за секоја педа на теренот и за секоја топка. Подготвени ја чекаме Словенија и сето тоа со цел да стигнеме до таа посакувана победа.

Ние и Словенија не сме нешто многу различни од натпреварот во Љубљана. Нормално едно е кога доаѓаш после три победи со голема самодоверба, ама и Македонија има самодоверба, играме одлично во серија. Очекувам дуел на две селекции кои добро се познаваат и слично ќе изгледаат на теренот. Нормално ќе има некои изненадувања од моја страна и од страна на селекторот Кек, но очекувам дуел на слични репрезентации од првиот натпревар – вели Ангеловски.

Капитенот на репрезентацијата, Горан Пандев упати директна порака до навивачите, тој и останатите репрезентативци очекуваат вистински навивачи кои ја сакаат Македонија и кога победува и кога губи, а не плукачи.

– Желно го очекуваме овој натпревар. Слушам дека Словенците атакуваат на второто место во групата, не гледам зошто и ние да не атакуваме на второто место бидејќи тие не се подобри од нас. Не гледам каде и во кој дел Словенија е подобра од нас. Затоа со нетрпение го чекаме мечот, и со огромна мотивација ќе одиме на победа. Утре ни треба поддршка на стадион само од оние навивачи кои се позитивни и кои веруваат во оваа репрезентација. Не ни требаат негативци, затоа не е важно дали ќе се 15.000 или 30.000, но единствено оние кои вистински веруваат во нас и ќе ни дадат безрезервна поддршка – порачува капитенот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот