Пандев, Адеми и Димитриевски добија „слободно“ од селекторот за Лигата на нации
Откако македонската фудбалска репрезентација вчера со победата над Грузија обезбеди учество на Европското првенство наредната година, селекторот Игор Ангеловски, одлучи да им даде одмор на дел од репрезентативците.
Капитенот Горан Пандев, големиот борец Аријан Адеми кој вчера повреден играше против Грузија и голманот Столе Димитриевски, нема да бидат дел од репрезентацијата за претстојните два натпревари од овогодинешното издание на Лигата на нации против Естонија и Ерменија.
Пандев кој го постигна единствениот гол во Тбилиси се враќа во Џенова, Адеми се враќа во Динамо Загреб каде ќе ја продолжи рехабилитацијата, а голманот Димитриевски кој поради црвениот картон од средбата со Грузија во Скопје која се играше минатиот месец е суспендиран, ќе се врати во Шпанија.
На нивно место селекторот Ангеловски ги повика членовите на младата репрезентација, голманот Ристе Јанков и Дарко Чурлинов и Тодор Тодоровски.
За неделниот натпревар против Естонија на Националната Арена „Тодор Проески“, Ангеловски нема да може да смета ниту на Езџјан Алиоски кој е суспендиран, но се очекува да настапи на последниот натпревар против Ерменија кој поради воената состојба во оваа држава ќе се игра во Никозија, Кипар.