Пандемијата се разгорува, мерките се олабавуваат

Инфективна амбуланта на клиника/ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Дозволено е организирање семинари, обуки, курсеви, како и разни видови прослави во затворени простории со 50 отсто исполнетост, за колку што виза добија и барови и дискотеки. Од 15 ноември ќе се влегува само со сертификат за две примени дози од вакцина или со потврда за прележаност во последните 45 дена.

Состојбата со коронавирусот и во земјава и во регионот се влошува, опфатот со вакцинацијата е слаб и недоволен и поради тоа ќе следува неизвесна и тешка зима, оценуваат епидемиолозите. Нагорниот тренд на заболени и бројот на починати од 15 до 20 дневно, не дава оптимистичка слика дека пандемијата е зад нас.

Има индиции дека пандемијата се разгорува. За една недела бројот на новозаболени порасна за повеќе од 22 отсто. Бројот на активни случаи е 6.191, а од почетокот на пандемијата починале 7.072 лица.

Стојанов: Никој не ги контролира кафеаните

– Секаде во регионот е лошо. Словенија имаше 2.200 нови случаи вчера, а таа е слична по големина како нашата земја. Стагнира бројот на смртни случаи на околу 15. Во минатото таа бројка знаеше да отиде и до 50 починати дневно. Опфатот на вакцинација не е доволен. Немаме ни 40 проценти од населението имунизирано со две дози. Треба да е 80 проценти опфатот за да можеме да зборуваме за добар опфат – смета доктор Александар Стојанов, долгогодишен епидемиолог и поранешен директор на Центарот за јавно здравје Скопје.

Тој вели дека е интересно да се анализира како западноевропските земји постигнале висок опфат од над 80 проценти имунизирано население, а ние сме „паметните“ на Балканот со нашите теории колку е опасна вакцината.

– Пандемијата со ова темпо на вакцинација ќе трае, зимата ни е блиску, но крајот на епидемијата за нас е далеку. Сè повеќе ќе бидеме во затворени простории и тоа е загрижувачки фактор – вели Александар Стојанов.

Според него, не е добро да се опуштаме, напротив, потребни се ригорозни мерки, со цел да се спречи нов, петти бран или барем да се ублажи.

– Мора да се воведат драстични мерки. Во затворено не смее да има влегување без две примени дози вакцина, па кој сака нека се лути и нека врши притисок. За жал, ноќните клубови постојано се закануваа, штрајкуваа, па им се дозволи да организираат настани со 50 отсто исполнетост на локалот. Сакам да прашам – кој брои 50 проценти исполнетост? Никој тоа не го контролира. Кафеаните и сега работат со полн капацитет и никој не вади маси, ниту пак ги брои гостите – вели Стојанов.

Една зима со ковид-19 е зад нас, во меѓувреме вирусот мутираше и никој не може да предвиди што ќе се случува зимава што претстои во поглед на бројот на заразени.

– Ќе биде тешко. Исклучиво сум против тоа да им се остава на здравствените работници простор да одбираат дали ќе се вакцинираат или не. На што личи тоа што имаме здравствени работници кои не се вакцинирани, или учителки во изолација, исто така невакцинирани? Од друга страна, има дефицит на здравствени работници. Постојат некои служби кои мора да се вакцинираат ако не сакаат да седат дома, меѓутоа за вака драстична мерка, потребна е цврста влада со цврст став – смета Стојанов.

Ѓикиќ: Ако останете под 50 отсто вакцинирани, тоа е причина за аларм

Критики за опфатот на вакцинација пред три дена стигнаа и од доктор Иван Ѓикиќ, научник и професор од Универзитетот Гете во Франкфурт. Според него, пандемијата нема да заврши брзо, сè додека барем 60 до 70 проценти од граѓаните во сите земји не бидат вакцинирани.

– Додека не постигнете 60-70 отсто вакцинирано население, Македонија ќе биде земја со ризик за смртност од коронавирус. Ако останете под 50 отсто, тоа е веќе причина за аларм. Со тој процент, низ зимата ќе имате не седум илјади, туку неколку илјади повеќе починати. Делта-сојот се шири за 60 отсто повеќе од другите мутации. Можете да замислите колкави ќе беа бројките ако немавме вакцини. А сигурен сум дека новиот делта-плус сој веќе бил присутен во цела Европа и тоа сигурно ќе биде нов проблем оваа зима – предупреди тој.

За влошување на епидемиолошката крива, подготвени се и директорите на ковид-клиниките во земјава. Иако дел од нив беа затворени, сепак тие се на готовс и може да се отворат и реорганизираат секој момент ако настапи наплив на пациенти што бараат хоспитализација.

Оваа ситуација не ја спречи Владата, разгледувајќи ја епидемиолошката состојба, на предлог на Комисијата за заразни болести да дозволи организирање и одржување семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции во затворените делови од објектите со 50 проценти исполнетост од капацитетот на просторот.

Се дозволува и работа на барови и на ноќни клубови и дискотеки, како и на угостителските објекти што се регистрирани за прослави, веселби, свадби, родендени, крштевки и слично, во затворениот дел од објектите до 50 проценти исполнетост на капацитетот на просторот. На сите јавни настани, во сите угостителски објекти, хотели, на семинари, од 15 ноември ќе може да се влезе само со сертификат за две примени дози од вакцината против ковид-19. Дотогаш граѓаните ќе може да влегуваат во објектите и со потврда за само една примена доза. Вториот прифатлив документ за да се овозможи влез во овие објекти е и потврда дека сте го прележале вирусот во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот