Пандемијата сѐ уште не стивнува, надежта за вакцините последна умира

ГОБ 8 септември во Скопје. / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

На вчерашен ден, со комбе од Италија, во Македонија допатува жената што официјално се смета за прв регистриран случај на коронавирусот во земјава. Таа беше на возраст од педесет години и одреден период престојувала во Италија, а од граничниот премин Табановце беше веднаш пренесена на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Иако со неа во комбето беа уште 12 лица, ниту еден од нив не заболе.

Вкупно 365 дена подоцна, билансот на заболени во земјава е 101. 214 лица. Во листата на починати се запишани 3.111 граѓани, а битката со коронавирусот ја добија повеќе од 90.600 лица.

Годината ја карактеризираа вонредни мерки, карантин во хотели при влез во земјава, забрани за патување и напуштање на домот, промена на работната динамика и начинот на работа во компаниите, како и постојани апели за носење маска, држење растојание и негрупирање.

Полицијата имаше полни раце работа поради различни проблеми што ги донесе пандемијата со себе, меѓу кои непочитувањето на мерките за лична заштита, групирањата во угостителските објекти, па сѐ до лажни ПЦР-тестови, со кои наши граѓани се обидуваа да ја напуштат земјата за да влезат во Бугарија на граничниот премин Деве Баир.

Висока температура, кашлица, изнемоштеност и отежнато дишење се највообичаените симптоми на коронавирусот, додека посериозната клиничка слика ги зафаќа сите органи во телото, предизвикува цитокинска бура во белите дробови и проблеми со сатурацијата во крвта, кои доведуваат и до подолгорочни последици.

Корона-кризата претставуваше најсериозен предизвик со кој некогаш се соочил македонскиот здравствен систем. Цела 2020 година беше трка да се обезбедат доволно медицински ресурси, доволно медицински кадар и навремено да се третираат пациентите.

Како се дознаваше повеќе за вирусот, така се менуваа и протоколите за тоа колку време треба да се изолираат граѓаните позитивни на вирусот.

Во изминатата година во Македонија се регистрирани 30 соеви на коронавирусот, а главна опасност во моментов претставува британскиот сој, за кој се знае дека се шири за 70 проценти побрзо.

Граѓаните сѐ уште чекаат во земјава да пристигнат вакцините против ковид-19, со кои ќе започне масовната вакцинација и кои претставуваат надеж дека ќе се врати нормалниот живот. Засега се вакцинираат само медицинските работници, кои се во првите редови во борбата против коронавирусот

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот