Пандемијата продолжува да го ниша здравствениот систем во земјава

Скопје, окомври 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Според последните проверки, слободни се 40 кревети за хоспитализација на пациенти на инфективните одделенија во Скопје. За само еден ден починаа 32 лица од компликации од вирусот, а бројот на активни случаи се искачи на 21.169 пациенти.

Со последните податоци на Институтот за јавно здравје, бројката на починати пациенти поради компликации од вирусот се искачи на 1.763 лица, од кои 32 лица починале само за еден ден. Не стивнува ниту бројот на активни случаи, односно пациенти кои во моментот се носители на вирусот, кој изнесува 21.169 лица.

Анализите на Министерството за здравство кои ги доставија до „Слободен печат“ за досега починатите пациенти покажуваат дека најголемиот дел од нив биле со други болести, кои дополнително ја влошиле нивната состојба. Околу 90 проценти од сите пациенти кои починале имале најмалку една до две други болести, кои комбинирани со коронавирусот довеле до смртен исход. Најчести болести што ги имале тие пациенти се кардиоваскуларните, дијабетес, болести на бубрезите и пулмолошки болести.

Дел од пациентите што починале биле со карцином во понапредна фаза или имале тешка хируршка интервенција по која настапила смрт.

Како што прогресира пандемијата, така стагнира и системот за евиденција на бројката на заразени и на починати. Наместо како вообичаено, статистиката на новите случаи позитивни на ковид-9, како и состојбата по градови и смртноста во болничките капацитети да биде објавена во доцните попладневни часови, Министерството за здравство последната состојба ја објави пет минути пред полноќ, што се случува за првпат од почетокот на пандемијата.

На почетокот, во март, статистиките беа објавувани до 14 часот, потоа со зголемувањето на интензитетот и растот на бројот на случаите во 18 часот, а последниве два месеца и по 20 часот.

„Слободен печат“ од свои доброупатени извори дознава дека екипите на Институтот за јавно здравје завчера вечерта работеле до доцна во ноќта затоа што рачно морало да се проверуваат пациентите што системот не ги генерирал со едноставно впишување на матичниот број и на името и презимето.

– Проблемот беше во тоа што системот на ИЈЗ беше премногу оптоварен, затоа што се правеа проверки рачно по матични броеви. Премногу тестови се направени и за дел од нив рачно се проверуваше лицето според податоците, во која лабораторија е направен тестот, еден по еден се бараа луѓето – вели нашиот извор од Министерството.

Од направени 1.181 тестирање, позитивни се 363 нови случаи на ковид-19, од кои најмногу во Скопје – 95.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот