Пандемијата повторно ќе биде тежок испит и за наставата на факултетите

Студенти. / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Одлуката како ќе се одржува наставата на факултетите – со  физичко присуство или онлајн – ја носат самите факултетите во зависност од специфичноста на студиите или предметот. Спроти почетокот на новата академска година, професорите се согласни дека директната комуникација со студентите е најдобра варијанта, бидејќи со настава на далечина не успеваат да добијат вистинска слика за тоа во која мера студентите го совладале материјалот. Сепак, свесни се и дека и наредната студентска година ќе мора да се прават компромиси со оглед на пандемијата која не стивнува.

Во јуни, зголемениот број на заразени во Скопје го одложи почетокот на јунската испитна сесија на неколку факултети. Затоа, тие што сега се одржуваат со физичко присуство, мора да бидат според строги протоколи: местата на седење се обележани, задолжителни се дезинфекцијата и носењето маски, прозорците се отворени, а по истекот на секои два часа просториите се дезинфицираат. Како и за основните и средните училишта, протоколот за факултетите е одобрен од Комисијата за заштита од заразни болести.

Како изгледаат работите на терен го запрашавме деканот на Економскиот факултет во Скопје Предраг Трпески.

– Од нашиот наставен кадар, околу 80 отсто се вакцинирани. Исто така, вработените во администација се или вакцинирани или прележале, па вкупниот број имунизирани вработени е околу 90 отсто. На Факултетот се отвори вакцинален пункт и за вработените и за студентите, и со него очекуваме дека процентот драстично ќе се зголеми. Вакцинирањето веќе е почнато, а него го мониторира Министерството за здравство. Од поликлиниката на УКИМ го отворија пунктот и го менаџираат, а ние како УКИМ им дадовме простории. Деновиве имаше интерес за вакцинација – изјави Трпески за „Слободен печат“.

На прашањето дали Економскиот факултет ќе држи настава со физичко присуство или онлајн, Трпески нè информираше дека наставата ќе биде целосно онлајн за сите, со цел да биде квалитетна.

– Организирани сме за онлајн-настава, УКИМ има платформа за електронско учење. Сите наставници на ист начин ја изведуваат наставата, сè е во интерес на квалитет на наставата. Сите вработени ќе бидат физички присутни на факултетот. Ако некој од студентите сака, ќе може да дојде на консултации. Предавањето кај нас ќе биде целосно онлајн, комплетно електронска настава со платформата на УКИМ. Причината за оваа одлука е тоа дека имаме студенти кои не се од Скопје, па ако одиме со физичко или комбинирано присуство, тие можеби ќе имаат потешкотии, со оглед на тоа дека некои од нив не се сместени во домови. Преферираме да имаме чисти ситуации; кога е комбинирана наставата, не се знае кој што прави. Таа одлука ја донесовме на наставно-научниот совет. Не импровизираме, туку имаме воведено стандарди – додаде Трпески.

Професорите на некои факултети каде што се изучуваат општествените науки како отежувачки фактор го посочија тоа дека кај нив наставата се реализира во големи групи кои често бројат и по стотина студенти, а амфитеатрите имаат мали прозорци.

Здравствени правила и за студентските домови

Министерката за образование Мила Царовска одржа редовен состанок со директорите на ученичките и студентските домови.

– Протоколите се почитуваат максимално од учениците, студентите и персоналот. Засега немаме трансмисија на вирусот во домовите. Се надеваме дека со одговорно однесување заеднички на сите, домовите и интернатите ќе останат безбедни – рекоа директорите на состанокот.

 

Видео на денот