Пандемијата наводно стивнува, а амбулантите полни: Пациенти се лекуваат дома, затоа не се евидентирани

Ковид-амбуланта / фото: МИА

Лицата со благи симптоми самите прават брзи тестови од аптека, ни ги носат нам како доказ дека се ковид-позитивни, не сакаат да прават ПЦР-тест зашто е скап, а државното здравство не им обезбедува брзи термини, па затоа не фигурираат во дневните извештаи, велат матични лекари со кои разговараше „Слободен печат“.

Пациенти со симптоми на ковид-19 сами се тестираат со евтините брзи тестови, купени од аптека. Резултатот често им е негативен, иако кашлаат, изнемоштени се, затнати, имаат тешкотии со дишењето. Амбулантите се полнат, иако на прв поглед дневните извештаи укажуваат на спласнување на пандемијата. Официјалната бројка на позитивни на коронавирусот воопшто не соодветствува со ситуацијата на терен, зашто се лекуваат сами дома или со помош на лекар, велат матични лекари со кои разговараше „Слободен печат“.

Во нивните амбуланти пациентите им носат и позитивни брзи тестови како доказ дека се позитивни, но не сакаат да прават скап ПЦР-тест, а државното здравство не им обезбедува брзи термини за ПЦР-тест, кој е повалиден, па затоа не фигурираат во дневните извештаи, велат матичните.

– Ситуацијата на терен е ,,пепел“. Во една фамилија само еден се тестираше со брз тест од аптека, а сите други претпоставуваат дека имаат ковид и не се ни тестираат. Имам пациенти со симптоми, кои прават брзи тестови дома, ми го носат тестот во ќесичка, а веќе се со комплетна „слика“ за пневмонија. Не можам да ги терам да прават ПЦР-тест, нема термини, ниту им се плаќа ако ги прават приватно. Голем дел работат и од дома, па не им треба ни боледување – вели за „Слободен печат“ доктор Ненад Лазаров, матичен лекар од Скопје.

Според неговото искуство, огромен е бројот на заразени кај младата популација меѓу 20 и 25 години.

– Има огромен број тинејџери болни со симптоми на ковид-19. Голем проблем е тоа што не сите антигенски тестови ги детектираат овие случаи. Потребно е да поминат барем пет-шест дена за да се развијат симптомите, а во меѓувреме тие заразуваат. Сојот делта даваше симптоми по два-три дена, што сега не е случај. До крајот на февруари може да се случи една третина од населението да биде во изолација. Состојбата ќе ескалира, ќе испука како огномет од средината на јануари до средината на февруари. Вчера испратив 12 примероци на проверка, од нив 9 беа позитивни. Од друга страна, на пациенти со сериозни проблеми со срце им одложуваат операции, не се наоѓа термин за контроли и за болни од рак. По прележан ковид-19, некои пушачи една година не можат да си дојдат при себе, им треба долг третман – додава Лазаров.

Клиничката слика кај вакцинираните е далеку полесна отколку кај невакцинираните. Кај невакцинираните пациенти се развиваат целосни симптоми што се тешки, а вакцинираните најчесто не развиваат пневмонија.

Според последната статистика на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), активни се 4.817 случаи на ковид-позитивни, меѓутоа овој број се очекува да порасне деновиве поради интензивните контакти и прослави за време на новогодишните празници. За среќа, бројот на хоспитализации не е алармантен, има ковид-центри што се празни.

Тоа што загрижува е и растот на случаите на сезонски грип. Според извештајот на Институтот за јавно здравје, сезонава досега имало 1.148 заболувања на грип што е зголемување за 3,5 пати во споредба со истиот период лани. Од Центарот за јавно здравје Скопје ни рекоа дека граѓаните можат да се вакцинираат против сезонски грип во пунктовите во Скопје со комерцијална вакцина, бидејќи уште не е потрошена набавката од четири илјади дози.

Денеска бројот на ковид позитивни рапидно ќе порасне

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот