Пандемијата ќе помине, протокол за лекување сѐ уште нема

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Ако имате 50 отсто смртност во болниците, тогаш е јасно дека нешто погрешно се прави. Кога имате проблем, прво треба да признаете дека постои за да го решите. Наместо да се обвинуваат пациентите дека на своја рака земаат антибиотици и дека доцна се јавуваат на лекар, здравствените власти треба да признаат дека лошо лекуваат. Протоколите за лекување не се добри. Додека во светот смртноста опаѓа, кај нас се зголемува. Имаме трипати поголема смртност од Косово, алармира проф. д-р Никола Пановски.

Има многу причини за високата смртност, но општо земено, тоа е показател дека здравствениот систем потфрлил. Важен фактор е немањето протоколи за лекување, како и прекумерната употреба на антибиотици, смета доктор Никола Пановски.

– Здравствените власти мора да престанат високата смртност да ја препишуваат на задоцнетото одење на лекар и на хроничните болести на пациентите. Начинот на кој се организира здравствениот систем е причина што сме први во регионот по смртност од ковид. Ако имате 50 отсто смртност во болниците, тогаш е јасно дека нешто погрешно се прави. Кога имате проблем, прво треба да признаете дека постои за да го решите. Наместо да се обвинуваат пациентите дека на своја рака земаат антибиотици и дека доцна се јавуваат на лекар, здравствените власти треба да признаат дека лошо лекуваат. Протоколите за лекување не се добри. Додека во светот смртноста опаѓа, кај нас се зголемува. Имаме трипати поголема смртност од Косово – алармира доктор Пановски.

Омикрон не е уште доминантен

Од друга страна, тој вели дека кај нас не се прави разлика дали смртните случаи се од омикрон или од делта сојот, кој е сѐ уште присутен во земјава.

– Нема податок дека смртните случаи се од омикрон. Околу 65 проценти од смртните случаи се од омикрон, другите се од сојот делта. Факт е дека според бројот на позитивни случаи, бројот на хоспитализации е многу помал отколку во претходните бранови и соеви на ковид. За три недели колку што го имаме овој бран, со приближно 2.000 случаи на ден, да беше друг сој, немаше да има каде да се хоспитализираат пациентите дури и да се отвореа сите модуларни болници – објаснува д-р Пановски.

Според него, додека не се смири состојбата, има опасност да се наполнат болниците што би значело дека не е време за нагло олабавување на мерките, но може да дојде предвид постепено попуштање на мерките.

Новиот сој го заобиколува стекнатиот имунитет

Доктор Злате Мехмедовиќ смета дека додека не стане доминантен сојот омикрон, ќе има висок број случаи кои се хоспитализираат, како и смртни случаи.

– Иако има помала смртност, не значи дека луѓето не се разболуваат од сојот омикрон.  Ако има голем број заразени, можно е да има и голем број хоспитализирани, како и смртни случаи. Проблем се јавува поради тоа што бројот на вакцинирани е многу мал, а и на вакцинираните веќе им опаѓа имунитетот со оглед на тоа што поминале повеќе од шест месеци од вакцинирањето. Дополнителен проблем претставува тоа што кога се појавува нова варијанта, се создава заобиколување на стекнатиот имунитет. Важно е и да се нагласи дека во моментов ние немаме само омикрон, туку и делта варијанта. Последната анализа покажа дека соодносот е 60-40 во корист на омикрон. Во овој иницијален период уште се наоѓаме во период на нагорна линија, пикот ќе го достигнеме во средината на февруари – вели д-р Мехмедовиќ.

Тој нагласува дека кога се зборува за лекување на пациентите, многу е важно да се земе предвид и периодот пред хоспитализацијата, како и постхоспитализацијата.

– Кога зборуваме за лекување на пациентите, треба да разбереме дека не е лекување само кога ќе ве примат во болница, туку лекувањето треба да започне уште со потврдата за присуство на ковид-19, и тоа преку лабораториски и радиолошки испитувања, како и следење на состојбата на пациентот. Исто така, проблем се коморбидитетите, кои се дополнителен товар откако ќе се разболите од ковид-19. Најважно од сè е што уште не се донесе упатство за лекување на пациентите – додава доктор Мехмедовиќ.

Во текот на минатата недела се пријавени 97 смртни случаи во 20 градa, објави Институтот за јавно здравје, што е за 76,4 проценти повеќе во однос на минатата недела. Најголем дел од смртните случаи се од Скопје, каде што починале 38 пациенти. Најголем број од починатите ѝ припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (8), 40-49 години (2) и 30-39 години (2).

Во Словенија, каде што за 24 часа се регистрираат и по речиси 14.000 заразени од ковид-19, бројката на починати во земјата е далеку помала од кај нас – досега се регистрирани 5.773 смртни случаи кај Словенците.

Кризниот штаб препорача кратење на изолацијата

Главниот координативен кризен штаб ја усвои препораката на Комисијата за заштита од заразни болести за кратење на периодот за изолација на ковид-позитивните од десет на седум дена. Препораката од Кризниот штаб е доставена до Владата. На седницата на Главниот координативен кризен штаб министерот за здравство Беким Сали ја презентирал моменталната состојба со пандемијата предизвикана од ковид-19 во земјава. Претходно, министерот истакна дека не се размислува за укинување на сертификатите и маските.

Министерот в петок ќе се вакцинира по третпат. Тој ќе прими бустер-доза од вакцината против ковид-19. заедно со студентите од Фармацевтскиот, Медицинскиот и Стоматолошкиот факултет, професори од факултетите и јавни личности. Поради големиот одзив на Медицинскиот факултет во Скопје, вакцинацијата ќе се спроведе теренски, во самиот кампус.

Видео на денот