Пандемијата го преполови бројот на вработените во салите за вежбање, во базените….

Фото: magnus.com.mk

 Критично и во спа, велнес и фитнес индустријата

Не е мал бројот на луѓе што беа вработени во спа и во велнес центри, во теретани и во фитнес клубови. Нивниот број пред падемијата изнесувал околу 5.000 луѓе, но за жал, според сознанијата на Спа и велнес асоцијацијата на Македонија (СВАМ), сега нивниот број е преполовен.

Според претседателот на СВАМ, Александар Мендов, сега спа, велнес и фитнес индустријата се наоѓа во најлоша состојба во своето постоење.

– Спа, велнес и фитнес индустријата неможејки да ги следи светските, европските, па и балканските искуства, е на работ на банкрот. Оваа индустрија е оставена сама да се снаоѓа со мерки и протоколи кои се општи и кои не се однесуваат на нејзината специфична секојдневна работа, а кои се истовремено и контрадикторни и неразбирливи – вели Мендов.

Мендов вели дека во велнес и фитнес индустријата генерално нема отпуштања, но затоа многу е намален бројот на вработените во фитнес секторот.

– Целата спа, велнес и фитнес индустрија, во регистрираните субјекти имаше 5.000 вработени, но нивниот број се преполови за време на пандемијата. Генерално, отпуштања не се регистрирани во делот на спа и велнес, освен што вработените работат редуцирано, со пола работно време, а во хотелите е забележан и тренд на работа од 4 часа и тоа два до три работни дена во неделата. работејки без донесени протоколи за спа и велнес објектите. Спротивно на ова е фитнес индустријата, каде се вработени по еден, или максимум двајца во објект, и оваа индустрија бележи огромен пад и затворање на салите за вежбање и теретаните поради строгите протоколи за работа. Од друга страна, небезбедното справување со протоколите од страна на сопствениците, создава дополнителен страв кај посетителите. Според овие информации може да се заклучи и дека примањата на вработените во спа и велнес центите, како и на нивните сопственици, се сведени под минимум – вели Мендов.

Тој оценува дека државата има направено минимални мерки за спречување на ваквата состојба.

-Освен за време на последното затворање на хотелите и фитнес центрите кога беа исплатени минимални 14.000 денари за плати, други мерки не беа преземени. Користејки ги искуствата од нашето опкружување, европските и светски искуства, СВАМ како претставник на спа, велнес и фитнес фелата во Македонија има предложено низа мерки за кои надлежните институции треба да се произнесат – вели Мендов.

Некои од идеите за надминување на оваа тешка состојба се: ослободување од плаќање на придонеси за здравствено и пензионо осигурување во времетраење од 6 месеци; финансиска помош во висина од 30 отсто од приходот остварен во 2019 година да се даде во 2021 година; можност за кредит со 1 процент камата, и грејс период од една година; ваучери за користење на спа, велнес и фитнес центри и нивните услуги; инвестирање во професионалното образование и промовирање на Македонија како спа и велнес дестинација „фри ковид“; приоритет за вакцинирање на хотелските работници и фитнес работниците; донесување на протоколи за работа за спа центрите, салоните за масажа; субвенции за купување УВ апарати за спа, велнес и фитнес објектите за целосна заштита од бактерии и вируси на вработените и на посетителите; откажување на општините од наплата на фирмарина и истакнување на реклама.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот