Пандемијата ги „прегоре“ лекарите и сестрите

Синдромот на работна исцрпеност е се поприсутен меѓу здравствените работници кои последнава година мака мачеа да ја стават под контрола пандемијата со ковид-19.

Повеќе од 90 проценти од медицинските сестри се во напредна фаза на работна исцрпеност и преживуваат на работа со опасни нивоа на стрес поради ковид-пандемијата, покажал прашалникот на кој одговориле 72 медицински сестри од ковид-центрите на интерните клиники. Прашалникот бил на доброволна основа и потоа користен за потребите на конгрес за неврологија, но открил дека синдромот на работна исцрпеност, или „брнаут” е широко навлезен во болничките ходници меѓу медицинските работници.

На прашалникот одговориле и 24 лекари, чии резултати исто така во 78 отсто од случаите покажуваат работна исцрпеност и стрес. Синдромот на работна исцрпеност се состои од искусување на опасни нивоа на стрес кој ако не се промени, тогаш здравствениот работник има голема шанса да подлегне на некое покомплицирано заболување предизвикано од стресот.

Претседателот на Здружението на медицински лаборанти на Клинички центар во Скопје, Ивица Апостолов, за „Слободен печат“ вели дека кај се поголем број здравствени работници се позабележлив се преморот и беспомошноста, разочараноста и целосната исцрпеност поради постојаниот стрес на работа што го доживуваат во периодот подолг од една година со ковид. Тој додава дека инвестицијата во здравјето на граѓаните е непосредно поврзана со менталното и физичкото здравје на медицинскиот персонал, а здравствените работници се ресурс на кој државата мора особено да внимава во наредниот период. Според него, министерот за здравство, Венко Филипче веднаш треба да ги исплати петте проценти ветено, но неиспорачано зголемување на платите на сите здравствени работници.

– Се повеќе колеги не можат да си ги контролираат мислите и да се фокусираат на работните обврски, а тоа не е само поради прекумерната работа и стресот на работно место, туку и поради лошите меѓучовечки односи и честите конфликти со колегите. Синдромот на прегорување кај колегите се јавува поради подолгиот временски период кога не е направена пауза од работа, и кога тие се под постојан стрес, притисок, никогаш не се одморени, немаат физичка активност и во слободното време неминовно размислуваат само на темата работа – вели Апостолов.

Тој ги повика министерот Филипче и премиерот Зоран Заев сериозно да размислат и да реагираат така што на здравствените работници организирано по групи ќе им биде дадат награда со платен петдневен одмор во некое место каде ќе бидат опкружени со мир, зеленило и тишина, на пример со посета на бањски или планински туристички места, за да ја надминат состојбата и да се вратат на работа за да одговорат квалитетно на работните задачи.

Прва со идејата да се наградат вработените во здравството, пред месец и половина истапи активистката Кристина Дикинсон. Таа испрати иницијатива до пратениците во Собранието и до туристичките организации каде што лобира државата да им даде ваучери за хотели на медицинските работници што беа ангажирани во ковид-центрите, но и на немедицинскиот кадар како хигиеничари, обезбедувачи и други, без кои болниците не можеа да работат.

– Туристичкиот сектор во земјава претрпе сериозен негативен удар поради заштитните мерки. Парите од казните за неносење маска и непочитувањето на мерките, да се искористат за да се платат одмор во хотелски капацитети за тие што се бореа во првите редови во пандемијата. На ваков начин соодветно ќе им се заблагодариме ним, а и ќе му се помогне на туризмот, вели Дикинсон.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот