Пандемија во сенка на ковид-19: Жените не секогаш пријавуваат дека некој дома ги тепа!

Profimedia семејно насилство
Партнерско насилство. / Фото: Profimedia

,,Во моментот кога почнав и јас да се однесувам како него, да навредувам, да кршам и малку фалеше да ги удрам најмилите, сфатив дека морам да ставам крај. Не бев тоа јас, не беше тоа јас што го сакам, беше некој друг кој со години се бореше. Морав да заминам од таму.”

„Стоев на мост, ја гледав водата, сакав да завршам, ги гледав раните на рацете кои си ги правев, некако се навикнав на болката која ми ја нанесуваше, дури и не ме болеше. Се чувствував виновно, безвредно и гнасно, сакав се да заврши. Во еден момент станав и заминав во полиција, кажав се, мислев дека никој нема да ми верува и дека ќе ми ја нанесат истата болка како и дома. Периодот што следеше беше пекол, но започна нова ера во мојот живот и уште учам да живеам без насилство.”

Вака изгледаат личните сведоштва на жртвите на семејно насилство кои со години трпеле тепање, малтретирање и психолошки притисоци од страна на нивните сопрузи, партнери или членови на семејството. Тие се објавени на мобилната апликација „Биди безбедна”, која што има за цел да понуди прва и итна помош за жртвите на семејно насилство.

Молчењето ги охрабрува насилниците

Корона-кризата ја отвори старата рана, онаа на зачестени семејни конфликти кои резултираат со агресија и повредување. Но, невладините организации кои работат со жртвите на семејно насилство предупредуваат и на најголемиот проблем, а тоа е дека не сите што се удирани и малтретирани во домот го пријавуваат ова. Често се молчи, се трпи и се стискаат забите, што уште повеќе ги охрабрува насилниците да продолжат со своето деструктивно поведение.

Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува и на несовесното работење во службата на дел од полициските службеници, што го илустрира со последниот пример на родово базирано насилство во Тетово. Жената неколку пати пријавувала дека сопругот вербално и невербално ја заплашувал, ја силувал, ја принудувал, ја демнел, физички ја напаѓал и ја лишувал од месечната заработка. Индиректни жртви биле нивните малолетни деца кои најчесто биле сведоци на силувањето и на физичкото насилство. Пред последниот инцидент во низата кои биле пријавувани, утврдено било дека насилникот има коронавирус. Како што се наведува во месечниот извештај за ноември на Хелсиншкиот комитет за човекови права, на 17 ноември околу 22 часот, кога жената била физички нападната од сопругот, случајот веднаш го пријавила во полиција. Одговорот од надлежната полициска станица во Тетово бил дека не можат да интервенираат во конкретниот случај бидејќи сторителот е позитивен на Ковид 19!

„Додека насилникот ја малтретирал пред нивните деца, полициските службеници и се јавувале по телефон на жртвата која била во опасност, за дежурните службеници да слушаат што се случува во живо во куќата. Полициските службеници иако знаеле и биле свесни дека животот и здравјето на жртвата се ставени под сериозен ризик, тие свесно одлучиле да не интервенираат во домот поради тоа што насилникот бил позитивен на коронавирусот. Дополнително, Секторот за внатрешни работи Тетово, располага со заштитна опрема за вирусот Ковид 19”, наведуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права во својот месечен извештај.

Во случаи кога семејното насилство останува непријавено или пак релевантните институции, како Министерството за внатрешни работи, на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, се зголемува веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид. Оттука, недозволиво е полициските службеници кои треба да бидат во првите борбени редови за заштита на жртвите од семејно насилство, да не ја носат потребната заштитна опрема за вирусот ковид-19 и со тоа несовесно постапување да ги повредат човековите права на жртвите ставајќи ги нивните животи во опасност.

Од Хелсиншкиот комитет се децидни дека во конкретниот случај, полициските службеници грубо ги повредиле одредбите од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство каде во членот 29 е предвидено дека полицискиот службеник секогаш кога има пријава за семејно насилство, а заради отстранување на непосредна и сериозна опасност по животот и физичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство, должен е да излезе на местото на настанот и да изготви полициски извештај веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од интервенцијата на настанот.

За овој случај оттаму поднеле и кривична пријава до Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против полициските службеници од Полициската станица Тетово за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“. Нивната цел е други полицајци во иднина да не ја повторуваат праксата на непостапување од овој случај.

Во октомври пак, жена беше убиена од страна на сопругот во Гостивар. Тогаш Хелсиншкиот комитет преку платформата за родова еднаквост укажа дека има сомнеж дека токму непостапувањето на полицијата е причината поради која насилството резултирало во фемицид. Внатрешната контрола на МВР утврдила дека навистина овој сомнеж е основан и утврдила дека  полициски службеник од станицата во Гостивар сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина. Одделот поднел Иницијатива до СВР Тетово за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност. Исто така, Одделот за внатрешна контрола поднел и Известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

„Од почетокот на оваа година ова е трет случај на фемицид во државава, односно убиство на жена затоа што е жена, што претставува најтешка форма на насилство врз жената. Во случаи кога семејното насилство не се пријавува или, пак, релевантните институции на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, како во конкретниот случај во Гостивар, многу поголема е веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид. Иако е за поздравување брзата реакција на Министерството за внатрешни работи за испитување на постапувањето на полициските службеници во овој случај, сметаме дека Министерството треба системски да се зафати со несоодветното постапување по пријавите на родово базираното насилство и семејното насилство, пракса која значително ја намалува довербата на жртвите во надлежните институции”, велат од Комитетот.

Не е многу зголемен бројот на пријавени случаи на семејно насилство

Статистиката на Министерството за внатрешни работи покажува дека во првите девет месеци и во 2019 и во 2020 година, бројот на пријавени кривични дела поврзани со семејно насилство бил горе-долу ист. Во 2019 година од јануари до септември биле извршени 710 вакви кривични дела. Од нив четири биле убиства, еден обид за убиство, 429 телесни повреди, 17 тешки телесни повреди, една присилба, 253 загрозувања на сигурноста, четири противправни лишувања од слобода и едно посредување во вршење проституција. За истиот период годинава пак, се случиле 716 случаи поврзани со семејно насилство, четири убиства, три убиства во обид, 433 телесни повреди, 25 тешки телесни повреди, четири присилби, 236 загрозувања на сигурноста, 10 противправни лишувања од слобода и едно посредување во вршење проституција.

Во текот на првите 9 месеци од 2019 година, жртви на семејно насилство биле 610 жени и 157 мажи, додека за истиот период годинава жртви биле 613 жени и 154 мажи.

Од почетокот на пандемијата, домот претставува едно од најнебезбедните места за жените

Бојана Јовановска проектен координатор во Хелсиншкиот комитет за човекови права, за ,,Слободен печат” тврди дека од почетокот на пандемијата, домот претставува едно од најнебезбедните места за жените, па оттука и ранливоста на жените беше значително зголемена за време на рестриктивните мерки наметнати со ситуацијата со коронавирусот.

– Она што беше од особена важност во овој период е овозможувањето на поддршка и охрабрување на жртвите да го пријават насилството, бидејќи искуството на терен укажува на фактот дека еден од најсериозните проблеми е токму непријавувањето на насилството од страна на жртвите, што е резултат на недовербата во институциите, неказнувањето на насилниците, но и стравот и срамот, а честопати и непрепознавање на насилството од страна на самите жртви. Стапката на пријавување на случаите на насилство се движи околу 14 проценти во Европа, додека во нашата земја само два проценти од жените кои доживеале насилство пријавиле, што меѓу другото е резултат на недовербата во институциите, односно недоволната сензибилизираност на службените лица кои постапуваат во случаите на насилство, ни изјави Јовановска.

Таа додава дека имаме намален број на кривични дела наспроти зголемен број на поплаки поврзани со семејно насилство. Во оваа насока говорат и информациите од Министерството за внатрешни работи според кои дел од жртвите кои поднеле пријава до полицијата подоцна ја повлекле, поради што регистрирано е намалување на бројот на кривични дела и прекршоци за семејно насилство.

– Голем дел од поплаките имаат елементи на кривични дела и преземените дејствија за заштита на жртвите од страна на полицијата во случај на поплака не соодветствуваат за надминување на семејното насилство. Имаме причина да веруваме дека податоците го потврдуваат и долгогодишниот проблем на несоодветно евидентирање на кривичните дела и водење на родово разделена статистика, осносно несоодветниот начин на квалификација на случаите на семејно насилство кои многу често се третираат како прекршоци против јавниот ред и мир наместо како кривични дела, истакнува Јовановска.

Од почетокот на годинава Хелсиншкиот комитет регистрира 23 случаи на семејно и родово базирано насилство, за кои била обезбедена бесплатна правна помош и во споредба со претходните години не укажува на постоење на тренд на пораст на пријавите, што неминовно повторно упатува на ниското ниво на доверба во постапувањето на институциите по ова прашање.

– И оваа година не изостанаа случаите на фемицид односно убиствата на жена затоа што е жена. Регистрирани се четири фемициди за време на пандемијата, во Прилеп, Скопје, Арачиново и Гостивар. Има регистрирано и еден обид за убиство во Велес. Со последниот случај на фемицидот во Гостивар се потврди и дека најчестата причина поради која физичкото насилство резултира со убиство е несериозниот пристап на институциите кон родово базираното насилство, односно несоодветното постапување по пријавите што само дополнително ја намалува довербата на жртвите во надлежните институции. Фемицидот се уште не е препознаен од страна на нашето законодавство како посебно кривично дело за кое ќе се води посебна статистика и покрај тоа што тоа претставува најтешка форма на насилство врз жената и е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво, децидна е Јовановска од своето искуство со работата со жртвите и на терен.

Позитивно придвижување во борбата против насилството врз жените и девојчињата е најавата за усвојување на новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, како дел од обврските прифатени со ратификацијата на Истанбулската конвенција во декември 2017 година. Овој закон беше предвидено да се донесе до крајот на 2019 година, но заради закажување на предвремените парламентарни избори не беше ставен на гласање во Собранието, а со кризата предизвикана од пандемијата, неговото донесување дополнително се одложи. Ова законско решение за првпат го препознава семејното насилство како родово базирано насилство и ги прецизира дејствијата и мерките кои што треба да ги преземе државата за превенција и заштита но и реинтеграција на жртвите преку обезбедување на систем за поддршка, вклучително и економско јакнење.

Во декември годинава УНДП и Министерството за труд и социјална политика, заедно со останатите релевантни институции и граѓански здруженија кои работат на оваа проблематика, вклучително и Хелсиншкиот комитет ја промовираа апликацијата „Биди безбедна“ како еден вид креативно решение за справување со насилството особено кога станува збор за неговото пријавување. Преку оваа дигитализација на пријавувањето на насилството се очекува да се придонесе за брза реакција од страна на сите релевантни институции, како и за подобрување на меѓусекторската соработка. Апликацијата е достапна на македонски, албански и на ромски јазик. Освен пријавување на насилството, жртвите можат да се информираат преку апликацијата за сите услуги кои им стојат на располагање и начинот на кој може да ги користат, како и да се запознаат со своите права, да побараат совети, протоколи и да ги прочитаат личните сведоштва на жртвите на насилство.

Предупредувањата за ризикот од зголемување на случаите на семејно насилство, во услови на кризна состојба од големи размери, започнаа уште во март. И покрај тоа што не постоеја доволно официјални податоци за овој релативно краток период, првичните статистики од земјите каде што вирусот веќе беше значително проширен, укажуваа на значаен пораст на семејното насилство. Тоа несомнено беше еден од негативните ефекти поврзани со рестриктивните мерки за превенција и заштита од вирусот. Тоа што државите целосно се фокусираа на заштитата од проширувањето на вирусот, неминовно придонесе за занемарување на предизвиците со кои се соочуваат голем број граѓани, кои веќе се наоѓаат во ранлива состојба, како и отежнување на пристапот до одредени услуги. Воедно, пренасочувањето голем број средства кон здравствениот систем беше на сметка на пристапот до одредени права и услуги, кои засегаат бројни маргинализирани групи граѓани.

Се проценува дека во 162 земји биле институционализирани мерките за самоизолација и дистанцирање, со што околу 2,73 милијарди жени во светот морале да ги почитуваат мерките за изолација во домот. Доколку имаме предвид дека и во услови кога не постои криза од овие размери, домот претставува најнебезбедно место за жените, на што укажуваат и статистиките во нашата земја, така што ранливоста на жените во сопственото живеалиште е очекувано зголемена за време на пандемијата.

На 9 април 2020 година Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, побара од Владата полицискиот час да не важи за жените-жртви на насилство и нивните деца кои го напуштаат домот поради закана и директен ризик од насилство. Ова беше прифатено и МВР соопшти дека жртвите на насилство непречено ќе може да се движат до најблиската полициска станица во текот на полицискиот час или до болница ако им треба здравствена заштита.

Според истражувањата во нашата земја, во повеќе од 80 проценти од случаите, убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата, а во најголем дел од случаите убиството е извршено од страна на сегашен или поранешен партнер.

Насилството врз жените има повеќе форми

Физичко насилство е форма на насилство кое се манифестира со употреба на физичка сила или закана дека истата ќе биде употребена со кое ќе се наруши здравјето и телесниот и психичкиот интегритет на жртвата. Опфаќа туркање, удирање, кубење коса, клоцање, напад со фрлање предмети кон жртвата, нанесување повреда со оружје, изгореници и слични акти кои може да резултираат со мали или сериозни повреди.

Психолошко насилство е употреба на присилба, заплашување или закана кое предизвикува чувство на страв, загрозеност, вознемиреност или повреда на достоинството и психичкиот интегритет на жртвата. Тоа се манифестира преку контрола, изолација, љубомора и предизвикува емоционално страдање на жената, заплашување, закани, спречување да работи надвор од домот, омаловажување или понижување пред другите, барање дозвола за здравствена заштита, инсистирање насилникот во секое време да знае каде и со кого е жртвата како и слични однесувања.

Економско насилство е форма на интимно партнерско и домашно семејно насилство, со која се ограничува и спречува располагањето со личните финансиски средства при што се создава делумна или целосна економска зависност на жртвата.

Сексуалнтоо насилство и силување е дефинирано како вагинална анална или орална пенетрација од сексуална природа, со кој било телесен дел или предмет во телото на друго лице без негова согласност. Тоа вклучува и други акти од сексуална природа со лице без согласност како и наведување на друго лице да се вклучи во акти од сексуална природа со трето лице без негова согласност. Силувањето како форма на насилство може да биде во интимно партнерска врска или брак, од страна на познато или непознато лице, групно силување или силување во војна.

Сексуалниот напад е форма на сексуално насилство и се работи за акт кој не е доброволен, и се случил со присила заканување или употреба на физичка сила. Тоа е намерен акт на насилство и манифестација на моќ, контрола и доминација.

Сексуално вознемирување на јавни простори опфаќа несакано вербално, невербално или физичко однесување со сексуален карактер и конотација, со цел да се повреди достоинството, но и да се создаде застрашувачка понижувачка и деградирачка атмосфера и да се наруши удобноста на жртвата која е цел на ова вознемирување, да се почувствува небезбедна, па дури и да се наведе да мисли дека може да биде цел на физички напад или сексуално насилство.

Демнење е форма на намерно опасно однесување кон друга личност, во вид на закана, влевање страв и доведување во ризик на жртвата која постојано се плаши за својата безбедност. Ова опфаќа и повторувачко опасно однесување како следење, демнење, воспоставување несакана комуникација во живо, преку телефонски пораки, повици, социјални мрежи. Притоа насилникот постојано и дава до знаење на жртвата дека е набљудувана и следена, може да премине и во физичко демнење, а кулминира со физичко оштетување на личен имот, закани дека ќе се повредат луѓе кои ги сака, но и крадење на идентитетот за да се злоупотребува нејзиното име онлајн.

Сексуалното вознемирување на работно место ги опфаќа истите облици како и вознемирувањето на јавни простори со единствена разлика што се случува на место каде жртвата доаѓа да работи и обезбеди егзистенција за себе и за своето семејство. Притоа се создава непријатна, понижувачка и деградирачка атмосфера која во крајни случаи може да премине и во мобинг, напад па дури и да се присили жртвата да замине или самата да побара решение во напуштањето на работното место.

Присилна стерилизација е принудно одземање на женските репродуктивни права и потенција преку вршење операција со која се прекинува природната способност за репродукција а жената не е доволно информирана за постапката и нема дадено јасна согласност за таквата интервенција.

Присилен абортус е една од формите на кршење на женските права кога семејството или сопругот или партнерот ја присилуваат жената на ваква интервенција прекинување на бременоста без нејзина ифнормираност и согласност.

Присилни и договорени бракови е уште една форма на лишување на девојките жените од нивните основни човекови права да изберат интимен или брачен партнер преку присилување, доведување во заблуда, намамување, закана или на друг начин принудување, често проследено со емоционален стрес, психичко и физичко насилство. Малолетничките односно детските бракови се засебна форма на принудни и договорени бракови, со оглед на тоа што се смета дека овие деца самите не можат да одлучуваат за ваков голем чекор. Раното стапување во договорен брак, може да доведе до емоционални, физички и психички страдања, но и да се спречат и уништат шансите за образование и еманципација на овие девојчиња.

Фемицид е најтешката форма на насилство врз жени и може да биде директна последица на домашно или интимно партнерско насилство. Терминот фемицид означува намерно убиство на жена само зашто е жена. Иако во најголем дел од случаите фемицидите ги вршат сегашни или поранешни партнери, тие можат да се случат и од страна на член на семејството. Оваа форма на насилство е идентификувана како водечка причина за прерана смрт на жените во светот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот