Панчев: Златан е прав Балканец, нека се тресе Милан од Црвена звезда!

Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

В четврток во Белград од 18.55 часот ќе се игра првиот натпревар од 1/16 финалето во Лига Европа помеѓу Црвена звезда и Милан.

Македонската фудбалска легенда Дарко Панчев, кој е поранешен играч на белградските „црвено-бели“ со кои се искачи на европскиот и светскиот врв, не настапи против „росонерите“ во 1988 година, иако беше дел од таа генерација.

Во краткото интервју за „Спортклуб“, се потсети на тие мечеви:

– Ги гледав двата натпревари во Белград во 1988 година, го гледав и дуелот со Милан во Белград во 2006 година, кога беа Инзаги и Сидорф.. Тие беа моќни тимови, шампиони, Звезда се носеше колку што можеше. Денешниот Милан фудбалски падна најмногу во последните 20 години. Тоа не значи дека Звезда е подобра, но е поблиска по квалитет, поконкурентна отколку што беше во 2006 година – рече Панчев.

Легендарната „Кобра“ тврди дека Црвена звезда има свои шанси во овој двомеч:

– Станковиќ (тренерот на Црвена звезда) работи добро, има добра атмосфера, играат добро. И верувајте ми, јас би бил најсреќен доколку победиме. Не само поради победата, туку и реваншот би бил поинтересен. Нека Милан се тресе, зошто да не – додаде Панчев.

Поради ситуацијата со ковид-19, на трибините ќе недостасуваат навивачите:

– Знаеме што значи полна „Маракана“ за Црвена збезда, особено тоа го знае мојата генерација, која беше најгледана во историјата. Многу ми е жал што сега играчите нема да имаат поддршка од навивачите затоа што создаваат одлична атмосфера. Во мое време, тие немаа услови да прават кореографија, сега имаат и можат. И не само што гледате дека е феноменално, туку и навивањето е посебно – се зборовите на нашиот поранешен репрезентативец.

Исто така имаше и коментар за еден од најискусните во редовите на Милан, Златан Ибрахимовиќ:

– Златан е голем играч, интересен тип, прав Балканец. По што ние, луѓето од Балканот, се разликуваме од другите, особено од луѓето на Запад? Тие се како восочни фигури! Го немаат тој хумор, не знаат да се шегуваат. Златан го има тоа во себе затоа што потекнува од овие простори. Што се однесува до неговите играчки квалитети, нема за што да се зборува. Феноменален играч, исклучителен стрелец. Бог исто така му дал физичка сила, висина, техника и сето тоа го користи извонредно – вели Панчев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот