Панчев: Жалам што не сум помлад за повторно да му давам голови на Динамо

фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Легендата на македонскиот фудбал, Дарко Панчев кој е прогласен за најдообар фудбалер на 20. век во интервју за српски Информер, вели дека жали што не е помлад за да може повторно да му дава голови на Динамо Загреб.

Екипите на Црвена звезда и Динамо Загреб, големите ривали во поранешна Југославија може да се сретнат со квалификациите за пласман во групната фаза во Лигата на шампионите доколку го поминат третото коло. Црвена звезда во првиот дуел од третото коло одигра 1:1 против Шериф Тираспол, додека Динамо Загреб исто така играше 1:1 против Легија Варшава, а реваншите ќе се играат наредната недела.

Доколку успеат да ги поминат сегашните ривали, српскиот и хрватскиот шампион ќе играат меѓу себе во плеј-офот за влез во ЛШ што би претставувало реприза на едно од најголемите југословенски фудбалски дербија.

Последниот натпревар Динамо и Црвена звезда го одиграа на 18. мај 1991 година на кој славеше хрватскиот тим со 3:2 на „Максимир“. Дарко Панчев ги постигна двата гола за „црвено-белите“ и во интервјуто за српски „Информер“, тој вели дека од дуелите со Динамо Загреб генерално има убави спомени.

Многу ми е жал што не сум помлад па да им помогнам на Станковиќ и Терзиќ, бидејќи на Динамо редовно му давав голови, и во дресот на Звезда и во дресот на Вардар. Од најголемите клубови во поранешна Југославија, токму на Динамо му давав најмногу голови. Токму на последниот натпревар помеѓу Динамо и Звезда постигнав два гола. Тоа беа времиња во кои се мислеше само на фудбал, а би сакал и сега да биде истото – вели Панчев.

Од екипите од поранешна Југославија токму Динамо Загреб има највеќе учества во Лигата на шампионите но и во европските купови воопшто, но Панчев смета дека хрватскиот тим сигурно не би ја потценил Црвена звезда доколку дојде до нивна пресметка во плеј-офот.

– Динамо во последните 15 години е доминантен на овие простори, имаше многу успеси. Истото може да се каже и за репрезентацијата на Хрватска која е светски вицешампион од 2018 година. Меѓутоа и Црвена Звезда е фантастична изминатите неколку години. Она што е најважно е фактот дека Црвена Звезда секогаш ќе биде онаа голема Звезда и ќе мора секој да ја почитува. Квалитетот е тука некаде, но јас секако верувам дека Звезда ќе мине понатаму – вели Панчев.

Легендандата на македонскиот и југословенскиот фудбал верува дека доколку двете екипите играат во плеј-офот за пласман во ЛШ, тогаш најдобро решение би било да нема гостински навивачи на двата натпревари.
– Доколку УЕФА дозволи да се одржи натпреварот, верувам дека нема да има гостински навивачи. Тоа во голема мерка ќе ги намали страстите. И Звезда и Динамо имаат многу странци во своите екипи кои немаат појма што се случувало пред 30 години и не ги интересира такво нешто. Исто така поголем дел од домашните играчи кај двете екипи се родени по распадот на Југославија, тие не можат да бидат „затруени“ како што беа некои постари генерации. Впрочем влогот е Лига на шампиони, кога ќе се излезе на терен сите ќе размислуваат како да помината понатаму. Инциденти не им одат во прилог – додава Панчев за Информер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот