Палмер: Верувам дека Белград и Приштина ќе постигнат договор

Специјалниот пратеник на САД за западен Балкан изјавил дека е уверен дека договор помеѓу Белград и Приштина може да биде постигнат, дека САД ќе ја поддржи Владата во Приштина која ќе е посветена на дијалогот, како и дека Русија сака регион заснован на нереди и неверување.

– Една од нашите примарни цели е да подржиме формирање на Влада на Косово, која е посветена на дијалогот, што значи суспендирање на тарифите и враќање на преговарачкиот стол – рекол тој во интервју за РТЦГ.

Тој вели дека преговорите треба да бидат сериозни и да доведат до сеопфатен договор за нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина.

– Идеално би било тоа да биде на основа на взаемно признавање. Кога двете страни ќе се вратат на преговарачкиот стол, ќе бидеме таму како партери во потрага за договор кој ќе биде прифатлив за сите, траен и фер и кој ќе и помогне на Србија на патот кон ЕУ – рекол Палмер.

Тој додал дека е важно за целиот регион да се реши прашањето, но дека не верува дека може да влијае на европскиот пат на останатите земји.

– Западниот Балкан го гледаме како фамилија на западни земји, интегрирани во евроатлантски институции, како земји во кои се соработува на основа на правила и норми. Русите покажаа дека сакаат регион основан на нереди и неверување. Мислам дека тоа најјасно го видовме во Црна Гора, кога Русите го подржаа државниот удар во 2016 година, кој беше нечуен потег за да се спречи Црна Гора од влегување во НАТО – рекол тој.

На прашањето дали такво нешто би можело повторно да се случи, Палмер рекол дека нема ниту една информација која би можела да го наведе да верува дека такво нешто би можело да се повтори.

– Сепак, не мислам дека Русите завршија со настојувањата да прават проблеми во Црна Гора и на западен Балкан и тоа го гледаме во целиот регион – рекол тој.

Палмер навел дека декември е реална, но и амбициозна цел за Македонија да стане членка на НАТО.

– Потребна е интерна процедура во Сенатот за да се ратифицира протоколот за пристапување, а ние се надеваме дека тоа ќе заврши до декември. Доколку тоа не се случи, тогаш ќе биде поставен некој друг датум, за неколку месеци. Меѓутоа, уверен сум дека Северна Македонија наскоро ќе стане 30 членка на НАТО – рекол тој.

На прашањето како ја гледа иднината на Босна и Херцеговина, тој рекол дека верува дека договорот за формирање на нова влада може брзо да биде постигнат во Сараево.

Палмер верува и дека власта и опозицијата во Црна Гора ќе постигнат договор околу изборните услови и дека опозицијата ќе учествува на изборите во октомври наредната година.

– Се надевам дека ќе може да биде постигнат напредок. За жал, опозицијата не учествува во работата на Парламентот која е темелна институција и ја презентира демократијата. Важно е да ја сфатат таа одговорност и да се вратат во Парламентот за да ги застапуваат интересите на граѓаните, што е можно побрзо – рекол тој.

Тој кажал и дека САД го дели мислењето со ЕУ за последниот извештај кога се збори за реформите кои ги спроведе Црна Гора.

– Црна Гора направи значаен напредок, но ќе мора да направи уште многу, посебно во областа на слобода на медиуми и владини права. Сакаме да видиме успешна судска постапка против оние кои ги извршија нападите на новинарите, меѓу кои и Оливера Лакиќ, која е добитничка на меѓународни награди – кажал тој.

Палмер денеска во Подгорица разговарал со црногорскиот претседател и премиер, Мило Џукановиќ и Душко Марковиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот