Палмер: Со одбивањето на Северна Македонија ЕУ праќа лоша порака до Србија и Косово

Специјалниот претставник на државниот секретар на САД, Метју Палмер изјави дека со одбивањето да ги отвори преговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија, Европската Унија испратила лоша порака до Србија и Косово дека договорот не мора да значи европски пат.

Палмер за Гласот на Америка рече дека целите на САД и ЕУ кога станува збор за решавање на косовското прашања се исти, но дека одделни членки на ЕУ испраќаат различни пораки.

-Ние сме тука го поддржуваме процесот и ги охрабруваме страните да постигнат договор. Сепак, сакаме тие да бидат свесни за тоа што им се нуди, зошто е важно за нив да постигнат договор за нормализација. Ова е искрено една од причините што одлуката на Европскиот совет да не ги отвори преговорите за пристапување со Албанија и Северна Македонија е толку обесхрабрувачка. Затоа што испраќа погрешна порака и до Белград и во Приштина, а тоа е дека можете да направите тешки работи, да донесувате тешки одлуки, да постигнете компромис, но сепак и понатаму може да ви биде одбиен патот напред кон Европа- рече Палмер.

Оваа ситуација, заклучува Палмер, им овозможува на Русија, Кина и другите актери да го засилат своето влијание на Балканот.

-Примарна цел на Русија е да ја спречи евроатлантската интеграција на регионот, да го задржи поделен, слаб и зависен од политичката поддршка од Москва и од гасот. Русија сака да го спречи договорот меѓу Србија и Косово, да ја спречи БиХ да биде функционална држава, како и патот на Црна Гора и Северна Македонија кон НАТО … Непризнавањето на статусот на Косово од страна на Србија е најголемиот адут што Москва го има во својот ракав кога станува збор за Србија- оцени Палмер.

Интересите на Кина за Западен Балкан се повеќе комерцијални, а како значаен играч на Балканот, Палмер ја гледа Турција, за која кажа дека регионот го гледа како „свој двор”.

На претресот во Поткомитетот за Европа и регионалната безбедносна соработка во Сенатот, Палмер зборуваше и за соработката со специјалниот претставник на Белата куќа, Ричард Гренел, велејќи дека тој го гледа нивниот однос како „партнерски, а не како поделба на одговорноста”.

Тој рече дека тие секојдневно се слушаат со Гренел и дека имаат заедничка стратегија за решавање на косовските проблеми.

-Знам дека амбасадорот Гренел е особено заинтересиран да идентификува трговски, деловни и економски стимулации што можат да се искористат за да се постигне напредок на политички фронт. Многу е активно ангажиран со лидерите во Белград и Приштина и со деловните заедници, за да ги охрабри да напредуваат во областите каде што можат да соработуваат и да постигнат компромис за економски и трговски прашања што ќе им бидат од полза на граѓаните. Сепак, ова не ја елиминира потребата за постигнување на политичко решение- рече Палмер.

Но, работата моментно е ограничена со фактот дека Косово нема влада, истакна Палмер и рече дека се надева оти владата ќе биде формирана брзо за да продолжи дијалогот со Србија.

-Очекувам новата влада на Косово да работи на ова, да ги укине таксите и Србија да престане да го делегитимизира Косово во меѓународната заедница и да создаде атмосфера за компромис- кажа Палмер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот