Палмер: Силна поддршка од САД за Северна Македонија и нејзиниот европски пат

Доаѓам со цел уште еднаш да ја потврдам и зајакнам силната поддршка на САД за Северна Македонија и за нејзиниот европски пат и перспектива, порача денеска специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер.

Тој, по средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров, изрази задоволство што е повторно во Скопје и како што рече, има можност да се види со пријатели и да разговара за последните случувања во регионот и Европа.

– Доаѓам веднаш по ратификацијата на протоколот за НАТО членство од американскиот Сенат. Ова е најповолно време да се биде тука, исто така, по неодамнешната посета на американскиот државен секретар Мајк Помпео. Доаѓам со цел уште еднаш да ја потврдам и зајакнам силната американска поддршка за Северна Македонија и за нејзиниот европски пат и перспектива – порача Палмер.

Ова е прва станица, рече Палмер, по што следува посета на Белград, Приштина и Атина.

За евроатлатнските перспективи на земјава, нејзиното извесно членство во НАТО, но и за интегрирањето во ЕУ, како и за регионално прашања разговарале Димитров и Палмер.

– Зборувавме за извесното членство во НАТО и за тоа колку е важно да се отвори европското поглавје, за македонските интереси и за интересите на Вашингтон. Еднаш паднавме во замката на жртвата и разочарувањето во 2008 година и мислам дека нема тоа далеку да не одведе доколку пад паднеме. Треба да бидеме упорни и да го тргнеме и последното оправдување, тоа е законот за јавното обвинителство. Да излеземе уште поподготвени и поупорни – рече Димитров и додаде дека е потребно да се најде начин како заеднички да се остварат и нашите интереси и оние на земјите-членки.

Додаде дека имаме заеднички интерес – тоа е региоот. – Не може Европа да биде стабилна и цврста ако регионот е ранлив, а наша задача е да најдеме сили тоа да го направиме, да најдеме сили да бидеме победници, а не жртви, рече Димитров.

Специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер денеска има средба и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и претседателот Стево Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот