Палмер денеска во Приштина на средба со Тачи

Специјалниот пратеник на државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, Метју Палмер, престојува денеска во Приштина, каде што се очекува да се сретне со челници на косовските институции, а ќе има и обраќање пред студенти и претставници на организациите на граѓанското општество, јави дописникот на МИА од Приштина.

Кабинетот на косовскиот претседател Хашим Тачи објави синоќа дека тој ќе се сретне со Палмер во претседателскиот кабинет во 13.30 часот, а медиумите најавуваат дека американскиот дипломат ќе има средби и со други државни и политички претставници, иако официјални најави за такви средби засега нема.

Според „Газета Експрес”, Палмер нема да се сретне со лидерот на Движењето Самоопределување Албин Курти, кој се очекува да го добие мандатот за состав на новата влада на Косово, откако неговата партија победи на вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври. До оваа средба, според приштинскиот портал, нема да дојде, од причина што Курти е надвор од земјата, иако нема инфoрмации каде се наоѓа.

Најавувајќи ја посетата на Палмер, Амбасадата на САД во Приштина вчера објави дека тој ќе има обраќање во Националната библиотека на Косово пред студенти и претставници на невладиниот сектор.

– Заменик-помошникот државен секретар на САД, воедно специјален пратеник на државниот секретар за Западен Балкан, Метју Палмер ќе се обрати на публика составена од студенти и претставници на граѓанското општество. По обраќањето, тој ќе одговара на прашања од таа публика. Настанот е закажан за во 15 часот, во петок, се вели во соопштението на американската амбасада.

Американскиот дипломат ќе престојува во Косово по вчерашната еднодневна официјална посета на Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот