Палестина ја одби “шансата на векот“ од 50 милијарди долари

Белата куќа подготви план за економско закрепнување на Блискиот Исток, вреден 50 милијарди долари, кој би ги опфатил Палестинските територии и соседните арапски земји, а кој Палестинците веднаш го отфрлија.

Планот предвидува создавање на глобален инвестициски фонд во вредност од 50 милијарди долари, кој би го финансирале богатите земји, како и фонд од пет милијарди долари за изградба на коридор, кој би го поврзал Западниот Брег и појасот Газа.

Планот, кој следната недела треба да го претстави советникот на Белата куќа, Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, на меѓународната конференција во Бахреин, вклучува 179 инфраструктурни и деловни проекти. Тој рече дека планот претставува „шанса на векот”, ако тие имаат храброст да ја искористат.

Амбициозниот план за економско заздравување, на кој Кушнер и неговите соработници работеа две години, би бил применет само во случај на политичко решавање на долгогодишните проблеми во регионот. Тој верува дека спроведувањето на планот ќе отвори милиони работни места на Западниот Брег и Газа, ќе ја преполови палестинската сиромаштија и ќе го удвои БДП на Палестинците.

Предвидено е повеќе од половина од 50 милијарди долари да бидат инвестирани во палестинските територии во текот на следните 10 години, додека останатите ќе бидат поделени на Египет, Либан и Јордан. Планот, исто така, предлага речиси една милијарда долари да се инвестираат во изградба на палестински туристички сектор.

Администрацијата Трамп се надева дека богатите заливски, но и европски и азиски земји, заедно со приватни инвеститори, ќе одвојат поголем дел од парите за планот, вели Кушнер.

Претставничка на Палестинската ослободителна организација, Ханан Ашрави, оцени дека плановите на Кушнер се „апстрактни ветувања” и дека единствено политичко решение ќе го реши конфликтот.

-Ако навистина се грижат за палестинската економија, нека ја прекинат окупацијата во Газа, нека го спречат Израел да ги краде нашите пари, ресурси и земјиште и да ги отвори нашите територијални води, воздушниот простор и границите за слободно да извезуваме и увезуваме, рече таа.

Хамас, кој ја контролира Газа, порача дека „Палестина не е на продажба”. Од друга страна, Израел го поздрави планот на САД

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот