Палеле кабли и кревети за да ги продадат бакарот и железото
Смрдеа и чад како последица на спалување секаков вид отпад во Вардариште е причина жителите што живеат во околните населби, во овој период од годината, особено навечер, седат дома со затворени прозорци за да се заштитат себеси и своите најблиски од вдишување загаден воздух.
Едно од најопасните места или т.н. „црна точка“ во Скопската Котлина кога станува збор за загадувањето на воздухот, депонијата Вардариште, и понатаму останува место каде што најчесто се палат огнови на отворено со што се загадува амбиенталниот воздух во Скопје. Купиштата ѓубре честопати се спалуваат од несовесни граѓани, а има и такви што за ситна заработувачка, речиси секојдневно на посочената локација палат кабли или стари автомобилски гуми за да го извадат металот од нив, кој подоцна го препродаваат и на тој начин имаат дополнителна заработувачка. Со тоа значително се загадува амбиенталниот воздух во Скопје, а непријатната смрдеа најмногу ја чувствуваат жителите што имаат домови во непосредна близина на Вардариште.
Состојбата на терен со години наназад е иста, иако од Инспекторатот на Град Скопје редовно вршат контроли во овој дел на градот за да затекнат на самото место несовесни граѓани што спалуваат отпад и соодветно да ги казнат.
Само викендов Инспекторите на Град Скопје на депонијата Вардариште затекнале несовесни граѓани што спалуваат кабаст отпад и кабли за струја за понатаму да ги продадат добиеното железо и бакар и дополнително да заработат, притоа не водејќи грижа за загадувањето на воздухот што го предизвикуваат од ваквото несовесно однесување.
Во првиот случај, дежурните комунални редари на Град Скопје на локацијата Вардариште затекнале лица што палеле кабли. Според информации добиени од Инспекторатот на Град Скопје, тие веднаш повикале полициски службеници и им биле земени податоци на затекнатите граѓани што палеле отпад. Според властите, против нив ќе биде поднесена соодветна прекршочна пријава.
Во вториот случај, пак, Градските инспектори на терен затекнале малолетно лице како спалува кабаст отпад на Вардариште.
– Комуналните редари на Град Скопје на локација Вардариште затекнаа малолетно лице што спалувало кабаст отпад. Повикани се службеници од МВР, кои веднаш постапија според своите надлежности. Продолжуваат засилените контроли на Инспекторатот на Град Скопје – информираат од Инспекторатот на Град Скопје.
Градските власти велат проблемот со поранешната депонија Вардариште е комплексен и тоа од повеќе аспекти.
– Од аспект на самата депонија, станува збор за проблем што е стар повеќе од 30 години, од нејзиното затворање. Депонијата е извор на загадување, каде што несовесни граѓани палат ѓубре и кабли, и нашиот Инспекторат, во соработка со другите институции, работи на надминување на оваа состојба. Во насока на пронаоѓање системско решение, кое би подразбирало целосна санација и рекултивизација на овој простор, Град Скопје изработи детална студија, а за нејзината реализација би биле потребни околу 26 милиони евра. Оттаму, Град Скопје во наредниот период преку Министерството за животна средина и просторно планирање ќе направи напори за обезбедување на овие средства преку европските фондови – велат од Град Скопје.
Според нив, кога станува збор за инспекцискиот надзор, од нивна страна во континуитет се работи на сузбивање на појавата на лица што горат кабли и отпад на ова подрачје.
– Како еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме е немањето конкретни ингеренции поради што Град Скопје со години наназад инсистира и апелира да се променат законите и да се формира Комунална полиција, со што би се надминале проблемите. Во моментов доколку затекнат некое лице кое нелегално фрла отпад, нашите инспектори и редари немаат можност за легитимирање, спроведување и задржување – децидни се од Град Скопје.
Отстранета дивата населба под мостот кај Железничка
Екипи на Град Скопје деновиве работеа на отстранување на дивата населба што беше лоцирана под мостот кај Железничка.
Решен е деценискиот проблем со дивата населба под мостот кај Железничка. Просторот се чисти со механизација, а градските претпријатија го уредуваат за да не стане повторно предмет на диво населување. Заедно се грижиме за животната средина – напиша градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на својот фејсбук-профил.