Пахор по средбата со Вучиќ: Изјавите за промена на границите го загрозуваат мирот во регионот

Средба меѓу Пахор и Вучиќ во мај годинава / фото: ЕПА/ЕФЕ

Претседателот на Словенија Борут Пахор денеска изјави дека јавните настапи во кои се споменува промена на границите на Западен Балкан „ги загрозуваат мирот и безбедноста во регионот“, како и дека тоа важи за сите кои во последно време користат такви изјави. Единствениот одговор за растот на национализмот и идејата за промена на границите во Западен Балкан е проширување на Европската унија, рече шефот на словенечката држава по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

На прес-конференцијата по средбата, Пахор рече дека останува посветен на идејата за влез на Западен Балкан во ЕУ, бидејќи тоа е важно за благосостојбата на луѓето од Западен Балкан и ЕУ, пренесува Анадолија.

Тој оцени дека процесот на вклучување на Западен Балкан во ЕУ е премногу бавен и затоа се зајакнуваат политиките на национализам и за менување на границите, кои се опасни за мирот и безбедноста.

Тој изјави дека во разговорот со Вучиќ се согласил дека доколку ЕУ успее да ги отвори вратите за сите народи и држави од Западен Балкан за многу кратко време, нема да има повеќе зголемување на национализмот и размислувањето за промена на границите, и затоа природен интерес на ЕУ е да го задржи проширувањето кон Западен Балкан на агендата на Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент.

Пахор рече дека ја поздравува иницијативата Отворен Балкан, затоа што ја гледа не како алтернатива на проширувањето на ЕУ, туку како паралелен процес кој ја инспирира соработката во регионот и ги отстранува билатералните и мултилатералните проблеми кои можат да ги загрозат мирот, безбедноста и економскиот просперитет.

Тој додаде дека на средбата со косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти, планирана за утре во Приштина, ќе се заложи за имплементација на Бриселскиот договор во рамки на дијалогот меѓу Приштина и Белград, кој, како што оцени е „закочен, што е причина за загриженост и треба да продолжи, бидејќи ќор-сокакот никому не му користи”.

Вучиќ рече дека Србија треба да отвори нови кластери во пристапните преговори со ЕУ, бидејќи ги исполнила условите, но дека не знае дали тие ќе бидат отворени, бидејќи во ЕУ постои принцип да се најде некоја земја што ќе бара поради билатерални прашања нешто да се запре, посочувајќи дека „така Бугарија прави со Северна Македонија”, а во случајот со Србија, „Хрватска ќе го стори истото, ако треба, или некој друг”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот